Arife Yıldız Ünal
19 Декември 2016•Ажурирај: 19 Декември 2016
АНКАРА (АА) – Тунелот Евроазија, кој се протега по морското дно на Босфорот и ги спојува Азија и Европа, утре ќе биде пуштен во употреба во присуство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, премиерот Бинали Јилдирим и голем број странски гости, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој тунел ќе биде решение за проблемите во сообраќајот во Истанбул, а патното растојание меѓу европскиот и азискиот дел ќе може да се помине за 15 минути.
Според информациите на АА, отворањето на тунелот ќе биде утре во 14 ч., со церемонија на која ќе присуствуваат претседателот Ердоган, премиерот Јилдирим, како и многу странски претседатели, премиери, министри и амбасадори.
По метро линијата Мармарај, беше распишан тендер за изградба на двокатниот тунел за патнички возила на 12 јуни 2007 година, од страна на Генералниот директорат за инвестиции во инфраструктура при Министерството за транспорт, поморство и комуникации. Тунелот Евроазија значително ќе го намали патното растојание помеѓу Казличешме и Ѓозтепе, а ќе биде поврзан со двата постојни мостови на Босфорот.

Овој двокатен тунел се протега по морското дно во должина од 5,4 км. Изграден е со посебна технологија, а е поврзан со другите метро линии преку тунели. Завршени се и проширувањата и санацијата на патот во должина од 9,2 километари од европската и азиската страна. Проширени се околните патишта помеѓу Сарајбурну – Казличешме и Харем – Ѓозтепе, а изградени се и раскрсници, подвозници и надвозници наменети за пешаците.
Тунелот Евроазија, кој е изграден на линијата Казличешме – Ѓозтепе значително ќе го намали времето на патување во Истанбул, каде што сообраќајот е навистина интензивен. Моментално, патното растојание меѓу европскиот и азискиот дел од градот е околу 100 минути, а со овој проект ќе се намали на 15 минути. Освен тоа што ќе биде олеснет протокот на сообраќајот со проширувањето на патиштата на излезот и на влезот од тунелот, овој тунел ќе придонесе и за намалување на загадувањето на околината, како и за намалување на бучавата. Исто така, поради тоа што ќе се намали растојанието меѓу овие две точки во градот, ќе биде намален и трошокот за гориво, а ќе се намали и количината на издувни честички и трошоците за сервис на возилата.
- На тунелот нема да влијаат земјотреси и цунами -
Овој проект, кој е еден од водечките светски инженерски проекти, ќе има развиен систем за 24-часовен безбеден и постојан сообраќај. Тунелот е со најсовремен дизајн, технологија и инженерски апликации, и е изграден со структура којашто е отпорна на влијанија од цунами и земјотреси. Тунелот има екстра безбедносни карактеристики и ќе може да се користи како скривница, доколку е тоа потребно. Тој е обезбеден со осветлување според модерна технологија, систем за вентилација со висок капацитет, посебна опрема за противпожарна заштита, огноотпорна површинска обвивка, систем за итна евакуација, а на секои 600 метри има безбедносни ленти.
Исто така, во тунелот ќе има 24-часовен надзор со безбедносни камери, систем за откривање инциденти, како и систем за комуникации и аларм. Брзината на возење во тунелот ќе се контролира со висока технолошка инфраструктура.
Тунелот ќе биде безбеден за патување без прекин, дури и за време на магла, мраз или други неповолни временски услови.
Предвидено е максималната брзина за движење низ тунелот да биде 70 км на час, а цената за автомобил ќе чини 4 долари + ддв, а за минибуси 6 долари + ддв. Во тунелот ќе се плаќа влез и излез, а патниците ќе можат тоа да го прават автоматски преку ХГС (брз систем за поминување) и ОГС (автоматски систем за поминување). Нема да има кабина за плаќање во кеш, а исто така, нема да се наплаќа одделно за патниците во возилата.
Генералниот директорат за инвестиции во инфраструктурата при Министерството за транспорт, поморство и комуникации ја назначи фирмата АТАШ за изградба и менаџирање со тунелот за период од 24 години и 5 месеци. По завршувањето на овој период, тунелот ќе биде предаден на јавноста.