Meltem Öztürk
20 Април 2018•Ажурирај: 21 Април 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, денес изјави дека изборите кои ќе се одржат во Турција на 24 јуни се од големо значење во контекст на целите за 100-годишнината од основањето на Република Турција, како и дека Турција на овие избори ќе ја потврди својата иднина и стабилност, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот Парламент денес го усвои предлогот за одржување парламентарни и претседателски избори на 24 јуни оваа година, и пред гласањето, на пратениците во турскиот Парламент им се обрати премиерот Бинали Јилдирим.
Тој рече дека денешниот ден е историски и претставува пресвртница за Република Турција и потсети дека турскиот народ рече ДА на референдумот на 16 Јуни 2017 година, за еден посилен парламент и за една постабилна извршна власт.
Јилдирим, исто така, рече дека за време на парламентарниот систем во изминатите години, многу често под влијанија однадвор доаѓало до притисок врз волјата на народот, директно или индиректно интервенирање, пучеви кои го нарушувале функционирањето на демократскиот систем.
Тој истакна дека од тие интервенирања страдала и земјата и народот, и дека за тоа е платена висока цена.
„Сиот напор што го вложуваше нашиот народ, и искуството што го имаа нашите индустријалци, претприемачи, земјоделци, исчезна поради тие интервенции. Секој пат нашата земја паѓаше во економска криза и нестабилност“, изјави Јилдирим и додаде:
„Меѓу нашите жители го сееја семето на поделби, се обидоа да го нарушат нашето единство, заедништво и братство, да го ослабнат нашиот народ. Никогаш не размислуваа за гордоста и честа на Турција. Обидот за пуч на 15 јули и она што се случи после тоа, наметна како неопходна една силна уставна структура која ќе може да ја заштити и унитарната државна структура, но и да го сочува националното единство“, рече Јилдирим.
Тој нагласи дека Турција со претседателскиот систем на водење на државата ќе има способност за брзо носење на одлуки, но исто така и брзо имплементирање на тие одлуки.
„Целосната имплементација на овој систем ќе биде можна по изборите кои ќе се одржат во Турција на 24 јуни. Овие избори се од големо значење во контекст на целите за 100-годишнината од основањето на Република Турција; нашата држава на овие избори ќе ја потврди својата иднина и сигурност“, рече Јилдирим.