Can Erözden
08 Јануари 2018•Ажурирај: 09 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Турски научници започнаа студија која ќе ја раскаже приказната за тоа како човечките суштества се трансформирале од номадски ловци-собирачи во луѓе кои живеат во населби.
Европскиот совет за истражување (ERC) на турските научници им додели грант од 2,5 милиони евра за ДНК анализа на 1.500 луѓе кои живееле во регионот на Анадолија - денешниот азиски дел на Турција - за време на неолитскиот период.
Мехмет Сомел, професор по биолошки науки на Блискоисточниот технички универзитет (ODTU) во Анкара, за Anadolu Agency (AA) истакна дека во нивниот проект насловен како „Неоген“ ќе соработуваат со археолози, биолози и антрополози.
Студијата ќе го опфати периодот од 10.000 до 7.000 година п.н.е.
Тој нагласи дека ДНК анализата и археолошките податоци од неолитскиот период - термин што научниците го користат за последното доба од каменото време - ќе бидат оценувани заеднички.
„Нашата цел е да ја раскажеме вистинската приказна за една од најважните превртници во човековата историја“, истакна Сомел.
Сомел додаде дека во тој период забележана е транзиција на човековата активност од ловење и собирање до состојба каде што животните биле припитомувани, а посевите култивирани. Оваа транзиција траела од 3.000 до 4.000 години.
„За време на студијата, генетските примероци кои им припаѓаат на речиси 1.500 луѓе од 20 неолитски населби во Анадолија ќе бидат скенирани преку метод на секвенционирање на ДНК“, истакна Сомел.
Студијата потоа ќе се насочи на 350 лица чии примероци ќе бидат предмет на подлабока анализа.
Втората фаза ќе биде посветена на биоинформатичката анализа, со цел да се утврди генетската блискост и протокот на гени меѓу заедниците.
Сомел додаде дека во оваа фаза ќе се добијат биоархеолошки податоци, а научниците ќе соберат реални податоци во однос на културата.
Последната фаза од истражувањето ќе биде заедничка анализа на собраните генетски, биоархеолошки и археолошки податоци.