Dzihat Aliju
04 Јуни 2017•Ажурирај: 05 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Фудбалската репрезентација на Турција, која утре ќе одигра меч против македонската фудбалска репрезентација, денес пристигна во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Фудбалерите на турската репрезентација на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје беа пречекани од страна на амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара.
Турската репрезентација по пристигнување во Скопје, замина во хотелот каде што ќе престојува, пред кој беше пречекана од бројни навивачи. Турските репрезентативци вечерва, во 18:30 часот, на стадионот „Филип Втори“ ќе имаат тренинг пред утрешниот натпревар против македонската екипа.
Натпреварот помеѓу Турција и Македонија ќе се одигра утре во 19:45 часот, на стадионот „Филип Втори“ во Скопје. Откако ќе се одигра дуелот, турската репрезентација ќе отпатува за Словенија, каде што ќе бидат на подготовки пред мечот со косовската репрезентација што ќе се одигра на 11 јуни во градот Скадар, Албанија.