Турција

Туристите во Анталија во ист ден уживаат и во пливањето и во скијањето

По уживањето на плажата, со возење во траење од 10 минути со жичница, посетителите стигнуваат на Тахтали, чиј врв е покриен со снег.

Orhan Çiçek, Hatice Özdemir Tosun  | 11.12.2018 - Обновена : 12.12.2018
Туристите во Анталија во ист ден уживаат и во пливањето и во скијањето

Antalya

АНТАЛИЈА (АА) - Анталија, една од најпопуларните туристички дестинации во Турција и пошироко, на посетителите им нуди можност за уживање во четирите годишни времиња во еден ден, јавува Anadolu Agency (AA).

Надалеку познатата плажа Коњатли, бисерот на Анталија, и во последниот месец од годината привлекува странски туристи, кои декемвриското сонце го користат за сончање или за пливање. Истовремено, на планината Тахтали, висока 2.365 метри, на оддалеченост од околу еден час возење посетителите имаат можност да уживаат и во снегот.

Туристите кои доаѓаат во Анталија можат да возат велосипед на брегот, да шетаат или едноставно да уживаат во природните убавини на овој крај.

По уживањето на плажата, со возење во траење од 10 минути со жичница, посетителите стигнуваат на Тахтали, чиј врв е покриен со снег.

Градоначалникот на Анталија, Мендерес Турел, рече дека асоцијациите за Анталија се море, сонце, песок, природа и историско наследство.

Истакнува дека Анталија е град во кој може да се забележи влијанието на четирите годишни времиња во еден ден.

„За 20-ина дена влегуваме во новата година и декември ќе го оставиме зад себе. Во таков период можете од една страна да се капете во море, а од друга страна да скијате на нашите планини“, рече Турел.

Ибрахим Адали во Анталија живее девет години, а во морето се капе како во летниот, така и во зимскиот период.

Тој вели дека просечната температура на водата во морето во зима изнесува 21 степен.

„Анталија е рај на земјата. Се капете во морето во Коњалти, потоа одите до Саликент и на планината Тахтали, и гледате снег. Истиот ден и се капеме во морето, и скијаме на планината“, истакна Адали.

Тој настојува дневно да плива барем еден час, а скијањето му е хоби.

„Имате низа можности во градот. Нема друг град со толку чисто море во самиот центар. Нема ниту друг град каде што во ист ден може да пливате и да скијате. Да живеете во Анталија претставува посебно богатство“, рече Адали.

Репортерската екипа на АА на планината Тахтали го затекна и Умит Озчелик кој со семејството решил да ужива во снегот и во престојот во природа.

„Седевме на брегот со пријатели, пиевме чај. Сакавме да го видиме и снегот. Седнавме во автомобил и дојдовме на планината Тахтали. Во Анталија може во ист ден да уживате и во морето, и во снегот“, рече Озчелик.

Планината во текот на целата година привлекува голем број домашни и странски туристи, најмногу од Русија, Велика Британија, Индија и од арапските земји.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.