Kemal Zorlak
08 Септември 2017•Ажурирај: 09 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Пред зградата на амбасадата на Мјанмар во Њујорк се одржа протест против насилствата и нападите на мјанмарската војска против муслиманите Рохинџа во Аракан, јавува Anadolu Agency (AA).
Неколку десетици граѓани се собраа пред зградата на амбасадата, извикувајќи пароли со кои беше осудено насилството над муслиманите во Аракан.
Демонстрантите носеа транспаренти со паролите: „Спречете го убивањето на Рохинџите“, „Спречете го геноцидот“, „Правата на Рохинџите се човекови права“, „Не смееме да молчиме“, „Молкот е одобрување“. Еден од транспарентите истакнати на протестите во Њујорк беше и „Руанда, Босна, а сега Бурма. Спречете го геноцидот на Рохинџите“.
Комесаријатот на ОН за бегалци (УНХЦР) соопшти дека од 25 август, од Мјанмар во Бангладеш побегнале 73.000 Рохинџа муслимани.
Обесправеното муслиманско малцинство Рохинџа во мјанмарската покраина Аракан е цел на нови напади од страна на мјанмарската војска и будистичките милитантни групи и принудени се да бегаат во соседен Бангладеш.
Во новиот бран напади на муслиманските села во Аракан, мјанмарската војска и будистичките милитанти од 25 август запалија десетици села и убија голем број нивни жители.
Властите на Мјанмар не им дозволуваат на меѓународните организации да влезат во областа Аракан, па сѐ уште нема прецизен биланс на настраданите и за последиците од нападите над локалното муслиманско мнозинство.
Локалните невладини организации од Аракан јавуваат дека во нападите во изминатите неколку дена се убиени најмалку илјадници муслимани, а некои извори зборуваат и за повеќе илјади жртви.