Safvan Allahverdi
07 Јануари 2019•Ажурирај: 08 Јануари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, во Белата куќа одржа прес-конференција на која пред новинарите им даде изјава во врска со повлекувањето на САД од Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Потсетувајќи дека во периодот кога ја презел функцијата претседател на САД, голем дел од Сирија и Ирак биле под контрола на ДЕАШ, Трамп рече дека во неговиот период, ДЕАШ во потполност е отстранет од Ирак, а во Сирија постои во мала бројка и додаде: „Се повлекуваме од Сирија, но никогаш немам кажано дека повлекувањето ќе биде многу бргу.“
- „Потребно е веќе земјите од регионот да се борат против ДЕАШ“ -
Од друга страна, Трамп, истакнувајќи дека веќе е потребно земјите од регионот да се борат против ДЕАШ, продолжи со зборовите: „Русија и Иран многу повеќе го мразат ДЕАШ од нас. Можеби не колку нас, но и Турција го мрази ДЕАШ. Сите овие земји го мразат ДЕАШ. Можат и тие малку да се борат во своите дворови, како што ние го правевме тоа.“
Џон Болтон, советникот за национална безбедност на Трамп, при посетата на Израел за новинарите истакна дека повлекувањето на САД од Сирија има свои предуслови, а тоа е Турција да ја гарантира безбедноста на „курдските борци“, притоа алудирајќи на терористичката организација ЈПГ/ПКК, и победа над ДЕАШ.
- Трамп се осврна и на Северна Кореја -
Трамп даде свој коментар и во врска со преговорите што се во тек со Северна Кореја.
Трамп за тврдењата дека средбите се влезени во „ќорсокак“ рече дека токму спротивно, тие се „многу добри“ и додаде: „Погледнете, ракети нема, ништо не се случува. Добро напредуваме.“
И покрај тоа, Трамп истакна дека „со полна сила и ефикасност“ ќе продолжат санкциите кон Северна Кореја, додавајќи дека се разгледува локација за втор самит со Ким Џонг Ун, лидерот на Северна Кореја.
Трамп минатата недела соопшти дека примил писмо од Ким и дека наскоро ќе се сретне со севернокорејскиот лидер, додавајќи дека без напорите што ги вложил и остварените средби со Ким, во Азија можело да избувне голема војна.
Во јуни минатата година Трамп оствари средба со Ким во Сингапур.