ЕРУСАЛИМ (АА) - Овој месец се очекува претседателот на САД, Доналд Трамп, да замине во посета на Израел. Вниманието на јавноста го привлекува фактот што политиката за палестинското прашање, Трамп им ја препушти на Евреи, јавува Anadolu Agency (AA).
Посетата на Израел и на Палестина од страна на американскиот претседател Трамп, која е закажана за 22 и 23 мај, се наоѓа на дневен ред во двете земји. Според информациите објавени во локалните медиуми, Трамп за време на својата посета ќе се обиде да ги убеди двете страни за обновување на мировните средби.
Постои голем интерес каква порака ќе даде претседателот Трамп за време на посетата, во врска со прашањето за префрлување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим. Во текот на целата изборна кампања, Трамп повторуваше дека ќе го поддржи Израел, а едно од ветувањата беше дека амбасадата на САД ќе биде префрлена во Ерусалим.
Израелскиот министер за одбрана, Авигдор Либерман, на вчерашниот состанок на партиската група во врска со префрлувањето на амбасадата на САД во Ерусалим изјави: „Нашиот став е многу јасен, Ерусалим е нашиот главен град. САД е наша земја пријател, но можни се недоразбирања по ова или за други прашања. Не е првпат да имаме различни размислувања со американската администрација“.
Министерот Либерман за израелскиот печат изјави: „Администрацијата на Трамп, барем засега, се откажа од префрлувањето на амбасадата во Ерусалим“.
Пред да биде избран за претседател, Трамп испраќаше екстремни произраелски пораки. Откако беше избран за претседател на САД, за многумина сѐ уште е тајна ставот на Трамп околу израелско-палестинската политика и дали ќе има повлекување од зацртаната надворешна политика на САД.
- Во тимот на Трамп преовладуваат Евреи -
Еден од методите на оние што се обидуваат да разберат каква политика ќе води новиот американски претседател околу израелско-палестинското прашање, е преку разгледување на профилот на луѓето од неговиот тим. При испитувањето на тимот на Трамп, што треба да ги даде насоките околу израелско-палестинското прашање, може да се забележи дека тимот го сочинуваат воглавно Евреи, кои се произраелски ориентирани.
На врвот на оваа листа се наоѓа новиот амбасадор на САД во Израел, Дејвид Фридман, потоа неговиот зет и истовремено висок советник, Џеред Кушнер, и специјалниот претставник за израелско-палестинското прашање, Џејсон Гринблат.
- Новиот американски амбасадор во Израел, Дејвид Фридман -
Новоизбраниот американски амбасадор на САД во Израел,Фридман, за време на предизборната кампања постојано го советување Трамп по прашањата за Израел. Фридман ги поддржува изградбата на новите еврејски населби и префрлувањето на амбасадата на САД во Ерусалим, и е познат како човек кој има многу блиски релации со Израел.
За Фридман се знае дека потекнува од еврејско семејство и дека е поддржувач на екстремната десница во САД. Во една од своите поранешни изјави, Фридман го бранеше ставот: „Изградбата на новите еврејски населби од страна на Владата на Израел на окупираната палестинска територија, не претставува пречка за мирот“.
Фридман во еден период беше колумнист во весникот поддржувач на ставот на ционистите, „Arutz Sheva“ (Аруц шева) и во десничарскиот весник Jerusalem Post (Јерусалем пост).
Фридман живее во државата Флорида, а има куќа и во близина на подрачјето Телбије во Ерусалим.
Седницата на американскиот Сенат за избор на Фридман за амбасадор на САД во Израел, беше сцена на расправии поради произраелските радикални изјави на Фридман. Фридман успеа да добие одобрување од американскиот Сенат, и даде збор дека нема да ги меша личните ставови во работата.
Фридман вчера пристигна во Израел за да ја извршува својата нова должност.
- Кушнер, зет и советник на Трамп -
Џеред Кушнер, зет на Трамп и истовремено негов висок советник, се прикажува како еден од највлијателните имиња во одредувањето на правецот на политиката на американската администрација по израелско-палестинското прашање. ОткакоТрамп седна во претседателската фотелја, тој изјави: „Кушнер ќе го донесе мирот на Средниот Исток“.
Трамп, за својот еврејски зет Кушнер (36), кој претходно нема никакво дипломатско искуство, изјави: „Џеред е многу добро дете. Со Израел ќе постигне договор што никој не може да го направи. Способноста за преговори му е дадена од раѓање. Доколку Кушнер не успее да договори мир на Средниот Исток, тогаш тоа никој не ќе може”.
Кушнер потекнува од угледно еврејско семејство од Њујорк. Израел е место каде што често заминувал на одмор уште од своето детство и со своите донации покажува дека за него тоа е место на неговите идеали и идентитет. Неговиот татко, Чарлс Кушнер, е бизнисмен кој давал свој придонес во изборните кампањи на Нетанјаху и го пречекал израелскиот премиер во својот дом во Њу Џерси. Кушнер потекнува од полските Евреи, а неговите прадедо и прабаба се спасени од концентрационите логори за време на Втората светска војна.
- Гринблат, специјален пратеник -
Џејсон Гринблат, специјалниот претставник на САД во меѓународниот мировен процес, истовремено е лице кое ја организира секојдневната комуникација на американската администрација со Израел.
Гринблат со години му бил адвокат на Трамп во Њујорк. Потекнува од семејство на Хареди Евреи, а вниманието го привлекува со своите долги зулуфи и црната гардероба. Познато е дека семејството Гринблат има роднински врски во Израел.
И Гринблат, како и Кушнер, е дел од американската администрација која ја одредува политиката по израелско-палестинското прашање, и нема искуство на полето на дипломатијата.
- Еврејски милијардери -
Меѓу лицата кои можат да имаат влијание врз Трамп, особено во политиката за израелско-палестинското прашање, се и американските еврејски милијардери. Меѓу нив, во преден план се имињата Шелдон Еделсон и Роналд Лод.
За време на предизборната кампања, Еделсон му даде на Трамп финансиска помош од десетици милиони долари. Еделсон бил вознемирен од политиката на поранешниот американски претседател Барак Обама и се надева дека администрацијата на Трамп ќе ја смени состојбата во интерес на Израел.
Според информациите што се појавија во медиумите во последните неколку дена, Еделсон доживеал разочарување, поради тоа што Трамп „не го исполни дадениот збор, амбасадата на САД од Тел Авив да ја префрли во Ерусалим“.
Познато е дека милијардерот Еделсон му ја дава својата поддршка на Бејамин Нетанјаху и бесплатно го дели весникот İsrail Hayom (Израел денес), трошејќи стотици милиони долари. Во истрагата за корупција што се води за Нетанјаху, а е во тек, се појавува и името на Еделсон. Се очекува Еделсон да биде сведок во израелскиот суд.
Еден друг авторитет кој има влијание врз Трамп е американскиот еврејски милијардер Роналд Лод.
Лод му дава совети на Трамп во врска со мировните преговори околу израелско-палестинското прашање, и се наоѓа во една поинаква политичка положба од Еделсон. За разлика од Еделсон, Лод смета дека проблемот околу израелско-палестинското прашање треба да го рашат двете земји, истакнувајќи го своето убедување дека постигнувањето договор со Палестинците е во корист на Израел, и верува дека Трамп ќе успее во тоа.
news_share_descriptionsubscription_contact
