Zuhal Demirci
18 Август 2017•Ажурирај: 19 Август 2017
АНКАРА (AA) - ЗУХАЛ ДЕМИРЏИ - Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА) во соработка со авиокомпанијата „Turkish Airlines (THY)“, Anadolu Agency (AA) и Турската радио-телевизија (ТРТ), го започна проектот „Програма за размена на искуства Африка 2017“, јавува Anadolu Agency (AA).
Се работи за програма во рамките на којашто студенти од Турција, во својство на амбасадори на добрата волја на ТИКА, во наредниот период ќе престојуваат во Африка. AA разговараше со група студенти кои денеска тргнаа на пат, а тие ќе престојуваат во Кенија, Сенегал и во Алжир.
Студентот од четврта година на катедрата за новинарство на Универзитетот во Газиантеп, Абдулах Басигит, истакна дека ќе престојува во Кенија, а во текот на посетата ќе му помогне на локалното население во обновувањето на училиште и ќе посети различни универзитети во оваа земја.
На пат за Кенија тргна и Емре Јуџел, студент од Универзитетот „Бејент“ во Истанбул.
„Заминувањето во Кенија го гледам како можност на вистински начин да го запознаам африканскиот континент. Целта е колку што е можно подобро да го запознаеме локалното население и да видиме кои се нивните потреби. Ќе се потрудиме да дадеме поддршка колку што тоа е во наша моќ“, истакна Јуџел.
Мухамед Исак Севинч е студент на Истанбулскиот Универзитет „Сабахатин Заим“, а тој во наредните денови ќе престојува во Сенегал. За него ова патување претставува можност за запознавање на различни култури.
Во рамките на „Програмата за размена на искуства Африка 2017“, ТИКА ќе испрати околу 200 студенти, амбасадори на добрата волја, во 18 африкански земји: Јордан, Судан, Тунис, Етиопија, Сомалија, Танзанија, Кенија, Сенегал, Гвинеја, Камерун, Нигер, Чад, Буркина Фасо, Гана, Уганда, Либија, Алжир и Либан.
Во рамките на програмата, студентите ќе учествуваат во поправање училишта, детски домови, библиотеки и верски објекти, кои претходно се одредени во координација на ТИКА со локалните невладини организации. Освен тоа, студентите ќе имаат и други општествени, културни и хуманитарни активности. Проектот го поддржаа и голем број турски невладини организации.
Првите групи студенти веќе отпатуваа во Јордан, Судан, Уганда и во Сенегал.