свет

Терзи и Харис, пример за соживотот на христијаните и муслиманите во Газа

Во разговор за АА, Терзи истакна дека христијаните и муслиманите отсекогаш живееле заедно во Палестина, додавајќи дека неговото пријателство со Харис е сосема нормално

Safiye Karabacak  | 24.05.2018 - Обновена : 25.05.2018
Терзи и Харис, пример за соживотот на христијаните и муслиманите во Газа

Gaza

ГАЗА (АА) - МУХАМЕД МАЏИД -

Пријателството помеѓу христијанинот Кемал Терзи и муслиманот Хатим Харис во палестинскиот град Газа, кој е под израелска блокада, е најдобар пример за соживот и толеранција помеѓу луѓе кои доаѓаат од различни религии и култури.

Палестинскиот христијанин Терзи (56), покрај тоа што последните шест години му помага на својот слеп пријател, муслиманот Харис (47) во неговите секојдневни работи, тој го следи и кога оди во џамија да ја изврши својата верска обврска. Во Газа не гледаат чудно на ова пријателство меѓу припадници на две различни религии кои живеат во толеранција.

Во разговор за АА, Терзи истакна дека христијаните и муслиманите отсекогаш живееле заедно во Палестина, додавајќи дека неговото пријателство со Харис е сосема нормално.

Понатаму, кажа дека со Харис се запознал пред 15 години, кога неговиот пријател имал аптека и од него купувал лекови, и додаде дека со текот на годините изградиле цврсто пријателство.

Терзи раскажа дека Харис, за време на подготовката на некој лек, ја изгубил способноста за вид.

„За жал, таа несреќа стана пресвртна точка во животот на Харис. Мојот пријател беше човек кој пред да го загуби видот, редовно си ги извршуваше своите верски обврски во џамија. По несреќата, донесов одлука да му помогнам. Му помагам при неговото одење во џамија. Кога ќе влезе во џамијата, јас го чекам надвор. По завршувањето на молитвата, заедно се враќаме дома.“

Терзи рече дека со Харис одат и на прошетки во чаршија, и дека на својот пријател понекогаш му чита весници или вести од интернет.

- „Сите се бориме за Ерусалим (Кудс)“ -

Терзи истакна дека христијаните и муслиманите во Газа се почитуваат и живеат во толеранција. „Религијата не претставува пречка пред нас. Живееме заедно. И условите и непријателите ни се исти. Силните врски меѓу двете заедници, кои влечат историски корени, се наоѓаат во крвно и државно заедништво. Сите се бориме за Ерусалим (Кудс). Во текот на сиот наш живот живееме заедно и покажуваме почит едни кон други.“

Харис, муслиман од Газа, раскажа дека со Терзи се запознале пред 15 години и создале пријателска врска која постојано се зголемува.

„Пред шест години го загубив сетилото за вид. Не можев да одам во џамија, имав проблеми при движењето по улиците. Но мојот пријател Терзи е постојано покрај мене. Ниту еден ден не се раздели од мене, постојано ми помага. Разговараме, се шегуваме“, раскажува Харис.

Харис истакна дека големиот број позитивни страни кои ги има Терзи го зацврстиле нивното пријателство. „Принципи на животот: дијалог, разбирање, соживот, љубов и мир. Христијанската заедница е дел од палестинскиот народ“, рече Харис.

Поради блокадата и нападите од страна на Израел, христијаните последните години го напуштаат Појасот Газа и мигрираат во странство. Во Појасот Газа, кој брои 2 милиона жители, живеат околу 1.000 христијани.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın