Ömer Aydın
24 Мај 2018•Ажурирај: 25 Мај 2018
СТРАЗБУР (АА) - Европскиот суд за човекови права (ECHR) ја отфрли жалбата на телевизиската куќа „Рој ТВ“, на која Судот во Данска ѝ ја одзеде лиценцата за емитување поради ширење пропаганда за терористичката организација ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Судот во Данска, во јули 2013 година ја укина лиценцата и изрече парична казна на „Рој ТВ“, а откако Врховниот суд на оваа земја една година подоцна ја потврди казната, телевизиската куќа вложи жалба до Европскиот суд во Стразбур.
„Судот едногласно донесе одлука дека жалбата е неоснована. Ова е конечна одлука“, се наведува во денешното соопштение на Европскиот суд за човекови права.
Европскиот суд ја потврди пресудата на данските судови кои ја осудија телевизијата куќа „Рој ТВ“ за ширење терористичка пропаганда во периодот од 2006 до 2010 година. Оваа медиумска куќа банкротираше веднаш по пресудата во март 2013 година.
Во пресудата на Судот од Стразбур се наведува дека данските судови не ја прекршиле Конвенцијата за слободата на изразување, туку дека телевизиската куќа со програмски содржини ја прекршила забраната за ширење насилство и терористичка пропаганда.
„Рој ТВ“ дејствувала под покровителство на компанијата „Mesopotamia Broadcast“ и ширела пропаганда на сепаратистичката организација ПКК, која се наоѓа на листа на терористички организации во Турција, ЕУ и САД. Станува збор за организација која терористичките активности во Турција ги спроведува од ’80-тите години на минатиот век и која е одговорна за смртта на најмалку 40.000 лица.