Evren Aydemir
11 Мај 2017•Ажурирај: 12 Мај 2017
БЕРЛИН (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека НАТО нема да влегува во оружени судири на подрачјето на Сирија и Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг се состана со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин, а тема на нивниот разговор беа подготовките за Самитот на претседатели и премиери на земјите на НАТО, кој ќе биде одржан на 25 мај во Брисел.
Столтенберг на прес-конференцијата изјави дека од земјите-членки очекува да не ги намалуваат буџетите за одбрана, односно за одбрана да издвојат два отсто од БДП, како што е ветено во 2014 година.
Тој нагласи дека за време на Самитот на НАТО во Брисел, една од главните теми ќе биде можноста за повлијателнa улогa на НАТО кога е во прашање борбата против тероризмот на меѓународен план.
На прашањето на новинарите дали НАТО официјално ќе пристапи во коалицијата против терористичката организација ДЕАШ, Столтенберг изјави оти се надева дека земјите-членки до 25 мај ќе донесат одлука.
Како што нагласи тој, и ако биде донесена одлука за пристап во коалицијата, земјите-членки нема да се откажат од своите примарни активности, и нема да влегуваат во оружени судири.
„Нема да влегуваме во судири во Сирија и во Ирак“, рече Столтенберг.
Германската канцеларка Ангела Меркел, запрашана да ја прокоментира состојбата околу екстремно десничарската структура во германската војска, изјави дека го поддржува настојувањето на министерката за одбрана Урсула ван дер Лејен за реформи во војската.
Таа нагласи дека Германија му дава поддршка на НАТО, не само материјална, туку и на воен план придонесува, од Авганистан до Косово.
Меркел укажа на важноста на НАТО кога е во прашање трансатлантската безбедност, и додаде дека во светот се менува безбедносната ситуација. Таа порача дека поради тоа, земјите-членки треба да размислуваат за тоа како и колку можат да придонесат за глобалната борба против тероризмот.