Ivana Ramadanova
06 Мај 2018•Ажурирај: 07 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Дојран оствари средба со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, кој престојува во работна посета на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од претседателскиот Кабинет, на средбата е разговарано за продлабочување на одличните билатерални односи преку јакнењето на политичкиот дијалог, за интегративните процеси на Република Македонија, а разменети се мислења и за актуелните предизвици во регионот и во Европската Унија.
Претседателот Иванов изрази надеж дека Република Бугарија, како актуелен претседавач со Европската Унија, по добиената позитивна препорака од Европската комисија, ќе продолжи да ги поддржува македонските интегративни процеси, особено за одредување на датумот за отпочнување на пристапните преговори.
„Самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија, по Процесот Брдо-Бриони, ќе биде одлична можност уште еднаш да се потврди европската перспектива за целосната интеграција на земјите од Западен Балкан, бидејќи само на тој начин се гарантира мирот, стабилноста и просперитетот на нашиот регион, кој сè уште е подложен на безбедносни и геостратешки предизвици“, рече македонскиот претседател.
Бугарскиот претседател изрази задоволство од учеството на припадниците на Армијата на Република Македонија на воената парада во Софија.
Претседателот Иванов и претседателот Радев разговараа и за унапредување на безбедносната и армиската соработка, и разменија мислења за активности насочени кон справувањето со предизвиците од илегалната миграција, тероризмот и насилниот екстремизам.
На средбата, двајцата претседатели ја реафирмираа заемната посветеност за конструктивно унапредување на севкупните пријателски односи меѓу двете земји и во тој контекст изразија задоволство од континуираниот политички дијалог на највисоко ниво.
Претседателот Иванов на покана на претседателот Радев ќе престојува во возвратна официјална посета на Република Бугарија во месец јуни оваа година.