Ekipa
27 Ноември 2017•Ажурирај: 28 Ноември 2017
ЛОНДОН (АА) - Премиерката на Велика Британија се состана денес во Лондон со турскиот премиер, Бинали Јилдирим, кој синоќа допатува во дводневна официјална посета на Лондон, јавува Anadolu Agency (AA).
На почетокот на средбата во седиштето на британската влада Јилдирим истакна дека посетата на премиерката Меј, на Турција на почетокот на оваа година, ја отворила вратата за многу можности за интензивирање на билатералните односи и соработка.
„И оваа средба е можност за унапредување на односите. Ќе разговараме за билатералните и регионалните прашања, вклучувајќи ја и борбата против тероризмот и ситуацијата во Ирак и Сирија“, рече Јилдирим.
Британската премиерка за време на отворениот дел од состанокот истакна дека односите со Турција за Велика Британија се исклучително важни и дека е задоволна од напредокот во соработката што беше постигната по нејзината последна посета на Анкара.
„Соработуваме на голем број глобални теми. Се бориме заедно против тероризмот. Покрај тоа, имаме важна трговкса размена во износ од 15 милијарди фунти“, рече Меј.
По воведните реченици, состанокот продолжи без присуство на претставниците на медиумите.
Заедно со премиерот Јилдирим, во делегацијата која престојува во посета на Лондон се турскиот министер за Европска Унија Омер Челик, министерот за економија, Нихат Зејбекџи, министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, министерот за одбрана Нуретин Џаникли и турскиот амбасадор во Лондон Абдурахман Билгич, како и главниот советник на турската влада за надворешна политика Керим Урас.