Sibel Uğurlu
04 Јули 2018•Ажурирај: 05 Јули 2018
АНКАРА (AA) - Врховната изборна комисија на Турција (YSK) денеска ги објави официјалните резултати од неодамна одржаните парламентарни и претседателски избори според кои Реџеп Таип Ердогн победи во првиот круг, освојувајќи 52,59 отсто од гласовите, јавува Anadolu Agency (AA).
Сади Ѓувен претседателот на Врховната изборна комисија (YSK), на конференцијата за медиумите истакна дека Ердоган на изборите за претседател освоил 26.330.823 гласови, односно 52,59 отсто.
Неговиот најголем ривал, кандидатот на опозициската Републиканска народна партија (ЏХП) Мухарем Инџе, освои 15.340.321 глас, односно 30,64 отсто. Кандидатот на Народната демократска партија (ХДП) Селахатин Демирташ доби 4.205.794 гласови, односно 8,40 отсто.
Од вкупно 59.367.469 гласови на изборите за претседател гласале 51.197.959 од што се забележани 1.129.332 неважечки листови. Излезноста на претседателските избори изнесуваше 86,24 отсто.
На парламентарните избори од вкупно регистрирани 59.367.469 гласачи правото на глас го искористиле 51.189.444 лица, од кои 1.052.269 неважечки гласови. Излезноста на парламентарните избори изнесуваше 86,22 отсто.
Според конечните резултати од изборите, владејачката Партија на правдата и развојот (АК Парти) во парламентот ќе има 295 пратеници, ЏХП 146, ХДП 67, Партијата на национално движење (МХП) 49 и Партијата IYI 43.
Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган, во понеделник, на 9 јули ќе положи заклетва во Големото народно собрание на Република Турција (ТБММ).