Fatih Hafız Mehmet
17 Декември 2018•Ажурирај: 17 Декември 2018
ИСЛАМАБАД (АА) - Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, денес изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе се обидат да ја спречат Турција да ја спроведе антитерористичката операција источно од реката Еуфрат во Сирија, која има за цел елиминирање на терористичката организација ЈПГ/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
„САД се обидоа да нè спречат во северен Ирак, се обидоа да нè спречат во Африн, Сирија. И сега ќе се обидат да нè спречат и источно од Еуфрат. Турција не го дозволи тоа претходно и нема да го дозволи ниту овој пат“, изјави Сојлу за новинарите за време на неговата посета на пакистанскиот главен град, Исламабад.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во средата изјави дека турските сили во наредните неколку дена ќе започнат операција против терористите на ЈПГ/ПКК во североисточниот дел на Сирија, односно во подрачјето на источниот брег на Еуфрат.
Тој порача дека целта на операцијата е тој регион, во близина на границата со Турција, да се расчисти од терористите.
Претходно турските сили во соработка со сириската опозиција го ослободија поширокото подрачје на северниот и северозападниот дел на Сирија во операциите „Маслинова гранка“ и „Штитот на Еуфрат“. Турција со овие операции сака да ги спречи терористите на ЈПГ/ПКК да формираат терористички коридор по должината на сирискиот пограничен појас, јужно од Турција.
„САД помислија дека можат да нè заплашат користејќи ги луѓето што ги хранеа. Се обидоа да постават меѓународно опкружување, но ние тоа го надминавме“, изјави Сојлу.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на речиси 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.