Mohamed Sabry Emam Muhammed
17 Декември 2018•Ажурирај: 18 Декември 2018
РИЈАД (АА) - Саудиска Арабија ја отфрли резолуцијата на американскиот Сенат со која се обвинува саудискиот принц Мухамед бин Селман за вмешаност во убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Во четвртокот, Сенатот усвои резолуција со која се става крај на воената помош на САД за воздушната кампања предводена од Саудиска Арабија против Хусите во Јемен. Со резолуцијата, исто така, се осудува убиството на Кашоги, а принцот Селман се смета за одговорен за убиството.
Во соопштението на саудиското Министерство за надворешни работи, резолуцијата на американскиот Сенат е опишана како „мешање“ базирано врз „неосновани тврдења и обвинувања“.
Се истакнува дека резолуцијата на Сенатот претставува блатантно мешање во внатрешните работи на Кралството, поткопувајќи ја неговата регионална и меѓународна улога.
Земјата богата со нафта категорично отфрла какво било мешање во нејзините внатрешни работи и секаков вид обвиненија со кои не се почитува нејзиното раководство.
„Кралството се надева дека не е вовлечено во домашните политички дебати во САД, со цел да се избегне какво било нарушување на односите меѓу двете земји, што би можело да има негативно влијание врз важниот стратешки однос.“
„Саудиска Арабија претходно тврдеше дека убиството на саудискиот државјанин Џамал Кашоги претставува ужасен криминал кој не претставува одраз на политиката на Кралството, ниту нејзините институции, и го потврдува отфрлањето на какви било обиди за повлекување на случајот од патот на правдата во Кралството“, се додава во соопштението.
Новинарот и колумнист на американскиот весник „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, беше убиен на 2 октомври во саудискиот Конзулат во Истанбул.
По различните контрадикторни објаснувања, Ријад призна дека Кашоги бил убиен во дипломатската зграда.