Ali Semerci
17 Декември 2018•Ажурирај: 17 Декември 2018
МАРИБ (АА) - Шефот на јеменската дипломатија, Халид ал Јемени, соопшти дека договорот за примирјето во пристанишниот град Ал Худејда ќе стапи на сила вечерва на полноќ, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Примирјето на сила стапува на 18 декември на полноќ. Договорот налага повлекување на сите милитанти и вооружени сили од Ал Худејда“, изјави Ал Јемени за државната телевизија на таа заливска земја.
Тој најави дека административната управа врз истоименото пристаниште ќе ја преземе Управата на пристаништето на Црвеното Море, која е формирана во 2014 година.
Договорот за примирјето во тој дел е постигнат оваа недела за време на преговорите во Шведска. Мировниот договор предвидува повлекување на вооружените групи и предавање на градот и пристаништето под контрола на неутралните сили. Најавено е и отворање на хуманитарен коридор.
Делегациите на меѓународно признатата јеменска Влада и бунтовничкото движење на Хусите договорија слично сценарио и за градот Таиз, и постигнаа договор за размена на повеќе илјади заробеници.
Ал Худејда е најголемо пристаниште и град кој е срцето на Јемен. Преку тоа пристаниште во Јемен пристигнува 90 отсто од вкупниот увоз и 80 отсто од вкупната хуманитарна помош.
Јемен е средиште на длабока политичка и безбедносна криза која кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанска војна.
Бунтовничкото движење на Хусите го контролира главниот град Сана и уште неколку важни региони во земјата, а меѓународно признатата Влада на Јемен дејствува од пристанишниот град Аден.
Судирите во Јемен дополнително се интензивираа во март 2015 година, кога Саудиска Арабија со своите сојузници започна воздушни напади врз позициите на бунтовниците.
Во војната е уништена инфраструктурата на земјата, вклучувајќи го здравството, водоводната мрежа и канализацијата, поради што ОН ја опишаа ситуацијата во оваа заливска земја како една од најлошите хуманитарни катастрофи на модерното време.