Ivana Ramadanova
11 Април 2018•Ажурирај: 12 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Владата предводена од СДСМ и ДУИ нема капацитет за водење на институциите кои се под извршна власт, обвини на денешната собраниска седница опозицијата, која поднесе барање за гласање на доверба на Владата, потпишано од 41 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, јавува Anadolu Аgency (AA).
Според координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, сегашната Влада на чело со Зоран Заев, води погубна економска политика и ги крши Уставот и законите, додавајќи дека јавноста треба да ги знае сите факти и аргументи за, како што рече, оваа недемократска и најнеспособна Влада.
„Наместо да се занимавате со решавање на реалните проблеми и потреби на граѓаните на Република Македонија, како што впрочем и ветувавте во предизборието, вие работите исклучиво за остварување на своите партиски цели и лични интереси и за одржување, пред сѐ, на разнишаната коалиција која функционира со ДУИ“, истакна Донев.
Тој ја обвини власта за тоа што во државата повеќе нема демократија, бидејќи како што рече, премиерот, министрите и претставниците на власта, истовремено се и политичари и судии и обвинители и бизнисмени, додавајќи дека судството е заробено и извршено е нагло партизирање на институциите.
Донев обвини и за пад на економскиот раст и инвестициите, но и за незголемување на платите и пензиите, а според него, по доаѓањето на новата власт има уназадување и во здравството, полицијата.
Според пратеникот Горан Мисовски од НСДП, интерпелацијата од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е нелегитимна и некредибилна, затоа што пратениците прво треба да се оградат од претходното раководство на партијата на чело со претходниот лидер Никола Груевски, па потоа да бараат морална одговорност од новата Влада.
„За да поднесете интерпелација, мора да имате морален кредибилитет. Денеска беше иделната шанса пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, во името на новото раководство да се оградат од погубните политики на претходното раководство. Нема издржана интерпелација, без да се оградите од претходното раководство на фамилијата. На оваа интерпелација ви е потпишан Никола Груевски, човекот има неколку десетина обвинителни акти, секој ден е во суд“, рече Мисовски.
Од владејачката СДСМ потсетија и дека е укината радиодифузната такса, вратена е евтината тарифа на струјата, решен е проблемот на стечајните работници, а во делот на надворешната политика подобрени се односите со соседните држави.
По завршувањето на расправата на пратениците, се очекува да се обрати претседателот на Владата, Зоран Заев.