Levent Tok
13 Февруари 2017•Ажурирај: 14 Февруари 2017
АЛ БАБ (АА) - Во продолжение на офанзивата „Штитот на Еуфрат“, опозициските сили на Ослободителната војска на Сирија, поддржани од Турските вооружени сили продолжија да напредуваат во ослободувањето на градот Ал Баб од терористите на ДЕАШ, а досега се ослободени 40 отсто од центарот на градот, додека терористите во останатиот дел на градот се опколени од речиси сите страни, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортерот на АА јавува дека турските сили и сириските опозициски сили сѐ повеќе го кршат отпорот на терористите на ДЕАШ во Ал Баб, и дека во последните продори од запад и од југозапад им го пресекоа патот и ги спречија силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад да влезат во градот од јужниот дел.
Терористите на ДЕАШ се опколени од речиси сите страни, а турските сили и бунтовниците во центарот на градот влегоа од запад и од југоисточниот дел и веќе зазедоа низа стратешки важни позиции, меѓу кои и квартот Земзем, во кој се наоѓа истоимената џамија, спортски комплекс, зграда на партијата Баас, болницата „Хикме“, пазар и пошироко подрачје што претходно служело како трговско складиште.

Така, силите што ја спроведуваат офанзивата „Штитот на Еуфрат“ влегоа километар и пол во центарот на градот, во кој и понатаму се водат улични борби.
Ослободителната војска на Сирија напредува и во јужниот дел на Ал Баб и го зазеде патот што води кон регионот Тадиф. На ослободеното подрачје во тој појас исто така се наоѓаат и важни објекти како големи пекарници, силос за жито и автоотпади.
Од претходно терористите на ДЕАШ во Ал Баб се опколени од северниот и во источниот дел, така што досега веќе 40 отсто од градот е под контрола на Ослободителната војска на Сирија.
Во Ал Баб и понатаму се наоѓаат неколку илјади цивили, па турските сили и сириската опозиција напредуваат со стратегијата на опсада и кршење на отпорот на терористите, но не сакаат со брза акција да го ослободат градот бидејќи во тој случај и животите на цивилите би биле изложени на поголем ризик.
Терористите на ДЕАШ имаат тесен коридор со кој од Ал Баб можат да се повлечат во правец на Рака, во источните периферии на покраината Алепо.
Со заземањето на јужниот влез од Тадиф во Ал Баб, Слободната сириска војска им го пресече патот на силите на режимот на Асад, така што не можат да влезат во центарот од јужниот дел на градот.
Од 20 јануари, руските воздушни сили ги гаѓаа позициите на ДЕАШ во јужниот дел на Ал Баб и им помогнаа на силите на Асад да напредуваат.
Репортерот на АА јавува дека силите на Асад сѐ уште се на јужниот влез на Тадиф, иако руското Министерство за одбрана претходно соопшти дека тој регион е веќе ослободен.
Офанзивата „Штитот на Еуфрат”“ започна на 24 август 2016 година, во северниот дел на Сирија, со цел да се неутрализира терористичката закана, особено ДЕАШ, и со цел да се зајакне безбедноста во сириско-турскиот пограничен појас. Офанзивата ја спроведуваат сириските опозициски сили, а во согласност со меѓународното право на самоодбрана, ги поддржуваат и турските сили.
Досега од терористите на ДЕАШ и ПКК/ПЈД е ослободено подрачје од 927 квадратни километри, односно појас широк 35,1 километар од турската граница кон внатрешноста на Сирија.
Во изминатите 24 часа, турските воздушни сили уништија 51 упориште на терористите на ДЕАШ во северниот дел на Сирија, а за време на тие напади се убиени најмалку 30 терористи.