Sümeyye Dalkılınç
25 Јануари 2017•Ажурирај: 26 Јануари 2017
ИСТАНБУЛ (AA) – Електронскиот систем за аплицирање за виза (е-Виза), инсталиран со цел да ги намали редиците на аеродромите и на граничните премини, од 17. април 2013 до 1. јануари 2017 година им овозможи на 16,2 милиони странци за само три минути да добијат виза за Република Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Податоците од турското Министерство за надворешни работи покажуваат дека од воведувањето на електронскиот систем, од 17. април 2013, до почетокот на 2017 година биле поднесени 18.452.733 барања за електронска виза. Одобрени се 16.199.968 барања, што е 87,79 проценти.

Електронските визи се најмногу одобрени во летните месеци, и тоа во просек 17.000. Рекордот според бројот на одобрени визи е на 13. јули 2015 година, кога се издадени вкупно 46.747 барања.
Најмногу визи се одобрени за државјаните на Велика Британија, Ирак, Холандија, Белгија, Полска, САД, Саудиска Арабија, Норвешка, Австрија и на Кина.
Во горенаведениот период, од издавањето визи се собрани 355.301.877 долари, односно 92.863.508 долари во 2016 година.
Електронската виза единствено може да се искористи за туристички и за деловни патувања. Визите се издаваат на поединци, семејства (со најмалку две, а најмногу десет лица) и на групи (најмалку десет, а најмногу 300 лица).
Сите што сакаат да добијат електронска виза можат тоа да го направат на страницата www.evisa.gov.tr, а потполнувањето на формуларите одзема во просек три минути.
Страницата може да се користи на вкупно девет јазици, меѓу кои на англиски, турски, германски, кинески, полски, арапски...
Електронските визи од 17. април 2013 до 1. јануари 2017 година најмногу се издадени на државјаните од следните земји:
1 | Велика Британија | 4.637.964 |
2 | Ирак | 1.978.848 |
3 | Холандија | 1.833.721 |
4 | Белгија | 938.040 |
5 | Полска | 831.455 |
6 | САД | 755.217 |
7 | Саудиска Арабија | 684.991 |
8 | Норвешка | 593.462 |
9 | Австрија | 523.498 |
10 | Народна Република Кина | 501.971 |