Mohamad Misto,Adham Kako
30 Јуни 2018•Ажурирај: 01 Јули 2018
ДЕРА/АНКАРА (АА) - Мухамед Мисто/Адам Како
Бегството на сириските цивили од сирискиот град Дера, кои поради нападите на силите на претседателот на оваа земја, Башар ал Асад, бегаат кон јорданската граница, и понатаму трае, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците на Цивилната заштита (Бели шлемови), поради нападите на режимските сили и нивните сојузници, во Дера најмалку 150.000 цивили ги напуштаат своите домови и бегаат кон Голанската Висорамнина.
Тој број расте секој ден, бидејќи цивилите се обидуваат да пронајдат спас во соседните земји. Воената акција во овој сириски град започна на 20 јуни, а најмалку 97 цивили беа убиени во нападите извршени во изминатите 10 дена.
Меѓу оние кои бегаат пред нападите на режимските сили, најчесто се деца, жени и постари лица. Голем број цивили се обидоа да пронајдат засолниште во Јордан, но, властите на Аман не дозволија премин. Затоа Сиријците се принудени своите денови да ги поминуваат на ливади во близина на границата.
Екипата на АА ја сними хуманитарната криза во пограничното подрачје. Ебу Мухамед е еден од цивилите кои со семејствата бегаат кон границата. Тој за АА изјави дека во Дера преживеале тешки денови и посакуваат што побрзо да ја преминат јорданската граница.
„Никој лесно не го напушта својот дом. Тука дојдовме поради тешките услови во Дера. Единствено што сакаме е да ги примат жените и децата“, изјави Мухамед, обраќајќи се на јорданскиот народ и на кралот Абдула II.
И Амар ел Химејден е меѓу цивилите од Дера. Сириецот со оштетен вид изјави дека домовите ги напуштиле поради насилството кое врз нив го спроведуваат режимските сили и нивните сојузници.
Во мај 2017 година, на Самитот во Астана, подрачјата Дера и Кунејтра, во југозападниот дел на Сирија, беа прогласени за едни од четирите зони за намалување на тензиите од страна на Турција, Русија и Иран, како гаранти на Договорот. По два месеца, Русија, САД и Јордан ги вметнаа Дера и Кунејтра во рамките на еден специјален договор, по што САД ја прекинаа поддршката на опозицијата во подрачјето.
И покрај сите предупредувања што ги упатија САД, режимот и неговиот поддржувач Иран, по освојувањето на централниот дел на земјата, на 20 јуни ја започнаа операцијата во Дера, со цел да го освојат и јужниот дел на земјата.
Официјални претставници на Обединетите нации (ОН) често повторуваат дека се загрижени за животите на 750.000 лица во подрачјето на Дера.
Јан Егеланд, советник на специјалниот претставник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, соопшти дека вчера, пет здравствени центри биле цел на напад. Веднаш по соопштението на Егеланд, погодена е болница во источниот рурален дел на градот и таа повеќе не дава здравствени услуги.