Kemal Karagöz,Kerem Kocalar
08 Септември 2016•Ажурирај: 09 Септември 2016
ГАЗИАНТЕП (АА) - Во пограничниот сириски град Џарабулус, кој е ослободен од терористите на ДАЕШ со офанзивата „Штитот на Еуфрат“, денес од турската поранична покраина Газиантеп се вратија најмалку 100 сириски бегалци, јавува Anadolu Agency (AA).
Турските вооружени сили и коалициски воздушни сили веќе 16. ден ја спроведуваат офанзивата „Штитот на Еуфрат“ против терористите во сирискиот регион Џарабулус, во близина на турската граница, а веќе неколку дена колони сириски бегалци од Турција се враќаат во ослободените делови на регионот.
Денес во Џарабулус се врати група од 100 сириски бегалци кои ги добиле потребните дозволи од канцеларијата на гувернерот во Газиантеп, а меѓу нив се наоѓаат голем број жени, деца и постари лица.
Да се потсетиме дека на ист начин и вчера, од Турција во Џарабулус се вратија најмалку 250 сириски бегалци.
Еден од повратниците Мухамед Сило за АА изјави дека пред една година го напуштил својот дом во Џарабулус поради постојаното бомбардирање и нападите на терористите, по што бил згрижен во Бурса.
„Со бегството во Турција спасивме жива глава пред нападите на авионите и на терористите. Нашиот Џарабулус е ослободен и одлучивме да се вратиме. Фала му на Бога, доаѓа мир во нашата татковина, а еве, пристигнува и Бајрам“, изјави Сило.
И Зелиха Вејс рече дека во Сирија се враќа по повеќе од една година престој во Турција и дека со страв ја чека глетката во каква состојба се наоѓа нејзината куќа.
„Имам четири сина. Едниот остана во Сирија и пред половина година го киднапираа терористите на ДАЕШ од неговата куќа. Се надевам дека ќе го најдам таму“, изјави Вејс.