Adham Kako,Levent Tok
15 Декември 2018•Ажурирај: 16 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Адхам Како / Левент Ток
Додека Турција се подготвува за операција насочена кон елементите на терористичката органзиација ЈПГ/ПКК источно од реката Еуфрат, американската администрација ѝ се закани на сириската воена и политичка опозиција да не учествува во операцијата.
Откако претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, објави дека ќе започне операција против ЈПГ/ПКК, која источно од реката Еуфрат под окупација држи територија од десетици илјади километри квадратни, американската администрација започна активности за нејзино спречување.
Покрај претседателот на САД, Доналд Трамп, и американскиот министер и официјални воени претставници разговараа со своите турски колеги во Анкара, изразувајќи им ја својата „загриженост“. Во исто време американската дипломатија и разузнавање започнале да ѝ се закануваат на сириската опозиција.
Американските официјални лица во писмото со закани упатено до Националната коалиција на сириски револуционерни и опозициски сили, често именувана и како Сириска национална коалиција (СНК), која е кровна организација на групите од Слободната сириска војска (ССВ), побараа да не учествува во воената операција на Турција.
Во пораката, тврдејќи дека елементите коишто ќе се приклучат на операцијата, ќе влезат во директен судир со американската војска, се вели следното:
„Приклучувањето на ССВ или СНК на каков било начин (на операцијата) значи напад врз САД и коалициските сили, а такво нешто ќе отвори пат за директен судир со коалициските сили и со САД. Американските сили и Сириските демократски сили (СДФ - име што го користи ЈПГ/ПКК) се испреплетени и дејствуваат заедно. Затоа, одбегнувајќи ги коалициските и американските сили како цел, не можете да ја напаѓате СДФ.“
Американските власти, зголемувајќи ги заканите, во пораката велат „Треба да се држите подалеку од местото каде што се борат слоновите.“
- Источно од Еуфрат
Во североисточниот дел на Сирија, од реката Еуфрат до границата со Ирак, простор од околу 45.000 километри квадратни е под окупација на ЈПГ/ПКК.
Благодарение на помошта добиена од американската војска, ЈПГ/ПКК е распространета на просторот источно од Еуфрат на кој се наоѓаат околу 15.000 вооружени терористи.
Најголемите населени места источно од реката Еуфрат се Ајн ал Арап (Кобани) на просторот на Алепо, Тал Абјад и Табка во Рака, Камишли, Амуде и Ресулајн во Хасеке и во северните делови на Деир ез-Зор.
Од вкупното население кое живее на територијата долж сириско-турската граница во должина од 480 километри под окупација на ЈПГ/ПКК, 70 отсто се Арапи.
Од територијата под окупација на организацијата која претставува една третина од вкупната територија на Сирија, досега под присила мигрираа 1,7 милион цивили, главно Арапи, Асирци, Курди и Туркменци.
Терористичката организација, по завршувањето на судирите со ДЕАШ, ги спречи оние коишто сакаа да се вратат во своите домови.
Под контрола на ЈПГ/ПКК, која го зазема источниот дел на реката Еуфрат, истовремено се најголемите нафтени и гасни полиња и објекти.
Оваа терористичка организација држи 60 отсто од земјоделското обработливо земјиште, а во нејзини раце се најголемите извори на вода и три големи брани, кои ги задоволуваат 70 отсто од потребите за електрична енергија во земјата.
Министерството за одбрана на САД претходно имаше соопштено дека со цел да обезбеди постојана контрола врз источниот дел на Еуфрат, формирала воена сила од 35 - 40 илјади лица.
Турција е против овој план на САД, според кој ЈПГ/ПКК ќе се трансформира во редовна војска.