Ekipa
21 Ноември 2016•Ажурирај: 21 Ноември 2016
КАНОН БОЛ (АА) - Полицијата и демонстрантите синоќа се судрија во близина на нафтоводот што е во фаза на изградба во северниот дел на американската сојузна држава Северна Дакота. Додека демонстрантите се обидуваа да преминат преку блокираниот мост на државниот пат, за да ги растера, полицијата употреби водени топови и солзавец, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од канцеларијата на шерифот на округот Мортон велат дека околу 400 демонстранти се обиделе да го преминат мостот. Полицијата формираше кордон за да го спречи поминувањето на демонстрантите, при што беше приведено и едно лице.
Според американските медиуми, голем број демонстранти побараa медицинска помош поради фрлениот солзавец.
Нафтоводот долг речиси 2.000 километри, кој поминува низ четири држави, се гради за транспорт на нафта од Северна Дакота во Илиноис. Против неговата изградба, со месеци се бунтуваат членовите на индијанското племе Стендинг рок сиукс, чиј резерват се наоѓа во близина на рутата на нафтоводот.
Тие стравуваат дека нафтоводот може да ја загади водата за пиење и да ги наруши нивните свети места.
Изведувачот „Енерџи трансфер партнерс“ наведува дека не се загрозени светите места и дека нафтоводот ќе има осигурување од истекување, и дека тоа е побезбеден начин за транспорт на нафтата отколку со воз или со камион.
Келси Ворен, извршен директор на ETP, во петокот изјави дека компанијата не сака да ја промени рутата на нафтоводот.