Servet Günerigök
13 Декември 2018•Ажурирај: 13 Декември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) изразија длабока загриженост во врска со воената операција планирана од страна на Турција во североисточниот дел на Сирија против терористичката организација ЈПГ/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно изјави дека офанзивата источно од реката Еуфрат е неизбежна и дека Турција ќе ја започне операцијата во рок од неколку дена, чија цел ќе биде расчистување на регионот од терористичката организација.
Турција долго време ја критикуваше соработката на САД со ЈПГ/ПКК против ДЕАШ, нагласувајќи дека ЈПГ е сириски огранок на ПКК.
„Длабоко сме загрижени поради било чија еднострана воена акција во североисточна Сирија, особено поради тоа што американските војници можно е да бидат присутни таму или во близина“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Робертсон.
„Ние ги сметаме таквите акции за неприфатливи“, додаде тој, и рече дека соработката и консултациите меѓу САД и Турција се единствениот можен начин за решавање на безбедносните проблеми во тој дел на Сирија.
Робертсон изјави дека американската Војска е посветена на блиската соработка со турската Војска, нагласувајќи дека некоординираните воени операции само ќе го загрозат тој заеднички интерес.
Тој ја пофали Турција за тоа што е сојузник на НАТО повеќе од шест децении и клучен партнер во меѓународната борба против ДЕАШ.
„Ние имаме сериозни обврски за меѓусебната безбедност. Целосно сме посветени на граничната безбедност на Турција“, изјави тој.
Робертсон, исто така рече дека коалицијата предводена од САД блиску соработува со групата СДФ, предводена од ЈПГ/ПКК, која ја смета за важен партнер во борбата против терористите на ДЕАШ во североисточниот дел на Сирија.
„СДФ останува посветен партнер против ДЕАШ, и ние продолжуваме да бидеме посветени на работата со неа, со цел да ја поразиме ДЕАШ“, изјави тој.
Можната воена операција источно од Еуфрат, за која турското раководство веќе неколку месеци сугерира, ќе следува по двете успешни прекугранични турски операции во Сирија - операцијата „Штитот на Еуфрат“ и операцијата „Маслинова гранка“, кои беа изведени со цел отстранување на присуството на терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ близу турските граници.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на речиси 40.000 луѓе, вклучувајќи и жени и деца.