Ekipa
06 Септември 2018•Ажурирај: 07 Септември 2018
ИДЛИБ (АА) - Руските авиони извршија воздушни напади врз населените места и позициите на сириската опозиција и антирежимските групи во централниот сириски град Хама и северозападниот град Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците до кои дојде новинарот на АА, руските авиони денес околу пладне го бомбардирале местото Кефр Зита, во близина на градот Хама, и местото Теменија, јужно од Идлиб, каде што се наоѓа Центарот за цивилна одбрана, како и позициите на сириската опозиција и групите кои се борат против режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад.
„Во местото Теменија, во близина на Идлиб, погоден е центар за цивилна одбрана. На Центарот му е нанесена значителна материјална штета и во моментот е надвор од функција“, изјави за АА, шефот на цивилната одбрана во Идлиб, Мустафа Хај Јусуф.
Сѐ уште нема информации за тоа дали во нападите има загинати или повредени. Воздушните напади се продолжуваат. Руските авиони и пред два дена ги бомбардираа западните и југозападните подрачја на градот Идлиб и северниот град Хама. Во воздушните напади животот го загубија најмалку 10 цивили, а повредени се 20.
Идлиб е сириска покраина која се смета за најголемо упориште и енклава на сириската опозиција. Речиси 4 милиони жители од тој регион веќе одреден период стравуваат дека силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад би можеле да започнат нови напади.
Станува збор за регион од стратешко значење во кој новите судири би предизвикале голем бран бегалци кон Турција и Европа.