Emre Gürkan Abay
15 Јануари 2018•Ажурирај: 15 Јануари 2018
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакна дека напорите на САД за формирање на војска во Сирија која ќе се состои претежно од Сириските демократски сили (СДС), параван на ПЈД/ПКК, се загрижувачки, јавува Anadolu Agency (AA).
Лавров на прес-конференцијата во рускиот главен град Москва, се осврна на плановите на САД за формирање сили за гранична безбедност во Сирија.
„Сметаме дека оваа еднострана одлука, слична на ултиматум, ќе го наруши територијалниот интегритет на Сирија“, рече Лавров.
Тој истакна дека донесувањето одлука за формирање на гранични сили најавено од страна на САД, значи изолирање на еден голем регион од Сирија на границата меѓу Ирак и Турција.
„Поради ова сериозно прашање се појавува загриженост околу чекорите кои ќе бидат направени во овие региони во Сирија“, додаде тој.
Шефот на руската дипломатија пренесе дека одлуката донесена од страна на САД не е во согласност ниту со Советот за безбедност на ОН, ниту со претходно постигнатите договори, и додаде: „Како и нашите колеги од Турција и Иран, и ние чекаме објаснување околу ова прашање. Сметаме дека оваа одлука ќе го наруши територијалниот интегритет на Сирија“.
Лавров за време на прес-конференцијата се осврна и на состојбата на Курдите во Сирија.
„Едностраниот проект на САД, сличен на ултиматум, за формирање војска во Сирија може да предизвика проблеми во односите меѓу Турција и Курдите, и нема да помогне во смирувањето на ситуацијата во Африн. Наша цел е да се постигне целосно примирје во Африн“, истакна Лавров.
Рускиот министер за надворешни работи потсети дека заедно со Турција и Иран продолжуваат со активностите за Конгресот за национален дијалог во Сирија.
„Се надеваме дека сите наши партнери во најкраток можен рок ќе завршат со формирање на набљудувачките точки во околината на зоните без судири во Идлиб со цел да се спречат нови провокации“, пренесе Лавров.
- Турција ќе продолжи со преземањето неопходни мерки за да ја осигура безбедноста -
Портпаролот на коалицијата за борба против ДЕАШ под водство на САД, полковникот Рајан Дилон, претходно соопшти дека ќе ги формираат силите за гранична безбедност кои ќе се состојат претежно од Сириските демократски сили (СДС), параван на ПЈД/ПКК, во кои ќе бидат вклучени 30 000 лица.
„Коалицијата работи во партнерство со СДС за формирање на новите Сили за гранична безбедност на Сирија“, нагласи Дилон во изјава за АА.
Портпаролот на кабинетот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, во врска со ова прашање истакнка: „Турција ќе продолжи со преземањето на неопходни мерки со цел да ја осигура безбедноста во рамките на националните интереси“. Тој нагласи дека Турција го задржува секое право за каква било интервенција врз терористичките организации кои се легитимна цел.