свет

Русија го обвини Израел за падот на рускиот авион

Портпаролот на руското МО изјави дека сириските одбранбени сили ги гаѓале израелските авиони Ф-15, кои во тие моменти извршувале напади врз цели во сирискиот град Латакија, во кој се наоѓа и руската воена база „Хмејмим“

Elena Teslova  | 18.09.2018 - Обновена : 18.09.2018
Русија го обвини Израел за падот на рускиот авион

Moskva

МОСКВА (АА) - Руското Министерство за одбрана соопшти дека рускиот воен авион е соборен од сирискиот противвоздушен систем С-200, и дека овој несреќен случај е предизвикан од израелските воздушни напади во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека доцна синоќа над Средоземното Море од радар исчезнал рускиот авион Il-20 со 15 војници.

Министерството за одбрана потоа соопшти дека авионот е срушен од сирискиот противвоздушен систем С-200, кој инаку е од руско производство.

Портпаролот на Министерството, Игор Конашенков, денес изјави дека сириските одбранбени сили ги гаѓале израелските авиони Ф-15, кои во тие моменти извршувале напади врз цели во сириска Латакија, во кој се наоѓа и руската воена база „Хмејмим“, кон која летал и соборениот руски авион.

Конашенков тврди дека израелските пилоти го искористиле рускиот авион како засолниште и така то направиле цел на проектилот С-200.

„Сокривајќи се зад нашиот авион, израелските пилоти го поставија како цел на сириската воздушна одбрана“, појасни Конашенков. Тој исто така изјави дека Израел ја известил Русија за интервенцијата во Сирија само една минута пред нејзиниот почеток и така не оставил време за да се тргне рускиот авион на безбедно.

„Последицата на израелските акции е загинувањето на 15 руски војници. Тие акции ги сметаме за непријателски чин. Тоа не е во согласност со руско-израелското партнерство и го задржуваме правото да одговориме адекватно“, изјави Конашенков.

Министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу, денес изјави дека сета одговорност за падот на рускиот воен авион и за смртта на членовите на посадата ја носи Израел.

Шојгу по тој повод денес телефонски разговараше и со израелскиот колега Авигдор Либерман.

Од Министерството е соопштено дека Шојгу за време на разговорот нагласил дека 15 руски војници го загубиле својот живот поради „неодговорното“ однесување на Израел.

„И покрај сите постоечки договори за спречување на опасноста, Израел, известување за нападите на Сирија испрати само една минута пред нивното почнување, и така не остави време за да се тргне рускиот авион на безбедно“, изјави Шојгу, директно обвинувајќи го Израел за падот на рускиот авион.

Од друга страна, портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи, Емануел Нашон, одби за АА да го коментира случајот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın