Anees Suheil Barghouti
09 Декември 2017•Ажурирај: 09 Декември 2017
РАМАЛАХ (АА) - Во новите протести на Западниот Брег, поради одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел, во саботата беа повредени 12 Палестинци, соопшти палестинското министерство за здравство, јавува Anadolu Agency (AA).
Од министерството издадоа соопштение во кое се вели дека две лица се повредени со гумени куршуми, додека десет од нив добиле медицинска помош поради вдишување на гас кој израелските сили го користеа за растерување на митингот во Бетлехем.
Палестинските политички фракции во четвртокот вечерта издадоа заедничка изјава со која повика на демонстрации на Западниот Брег и Источен Ерусалим, кои се под израелска окупација, во знак на протест против контроверзниот потег од страна на САД.
Во петокот беа одржани големи протести во Појасот Газа и на Западниот Брег, при што двајца Палестинци ги загубија своите животи во конфликтот со израелските сили. Во раните утрински часови, уште двајца Палестинци беа убиени во воздушните напади што ги изврши Израел во Газа.
Ерусалим останува во центарот на израелско-палестинскиот конфликт, а Палестинците се надеваат дека источен Ерусалим, кој во моментов е окупиран од Израел, ќе биде главен град на идната палестинска држава.