Zehra Nur Düz
30 Јануари 2019•Ажурирај: 31 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Во природните катастрофи што се случија во 2018 година загинале над 10.000 луѓе, додека 61,7 милиони биле погодени од катастрофите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Извештајот на Обединетите нации (ОН) објавен од Центарот за истражувања на епидемиологијата на катастрофите (CRED) минатата недела анализираше 281 катастрофа.
Мами Мизутори, специјален претставник на генералниот секретар при ОН за намалување на ризикот од катастрофи, рече: „Ниеден дел од светот не беше поштеден од влијанието на екстремните временски случувања минатата година. Поплавите, сушите, бурите и пожарите зафатија 57,3 милиони луѓе, нагласувајќи уште еднаш дека ако сакаме да ги намалиме загубите од катастрофите, тогаш мора да го подобриме начинот на кој се справуваме со ризиците од катастрофи.“
Според извештајот, Индија, Филипините и Кина се земји кои биле најмногу погодени од природни катастрофи, додека Индонезија, Индија и Гватемала се земји со најголем број жртви.
Животот на 3,4 милиони луѓе беше во директна загрозеност од земјотреси, цунамија и вулканска активност. Само во Индонезија, во 2018 година во природните катастрофи загинаа 4.417 луѓе. Во Гватемала оваа бројка изнесуваше 425, а во Папуа Нова Гвинеја 145 лица.
Според извештајот, во 2018 година од земјотреси во светот загинале 4.321 лица.
Се истакнува дека од поплавите минатата година во светот биле зафатени 35,4 милиони луѓе, вклучувајќи 23 милиони луѓе во Керала, Индија.
Поплавите во различните делови на светот, особено во Индија, Јапонија, Нигерија и Северна Кореја одзедоа 2.859 животи.
Од бурите минатата година беа зафатени 12,8 милиони луѓе, во кои загинаа 1.593 лица.
Во извештајот се вклучени и шумските пожари во Европа и Северна Америка. Како резултат на шумските пожари во светот минатата година 247 луѓе ги загубија своите животи. Најсмртоносните шумски пожари во 2018 година се регистрирани во Грција (126) и во САД (88).
Од сушите пак, погодени биле 9,3 милиони луѓе низ светот. Најголем дел од сушите се забележани во Кенија, Авганистан и во Централна Америка.