Besar Ademi
23 Август 2016•Ажурирај: 24 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за финансии на Република Македонија соопшти дека сите граѓани кои се евидентирани од страна на Комисијата за проценка на штетите во поплавените подрачја на Скопје и Тетово ќе бидат вклучени во авансното исплаќање на средства според динамиката на пристигнување на податоците во ресорното министерство, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што информираат од ресорното министерство, станува збор за пренос на средства за 2.154 граѓани, кои треба да добијат надомест од 500 евра за почетно санирање на штетите. Откако екипите за проценка на штетите ќе ја завршат целосно работата, ќе продолжи и исплатата на штетите, при што исплатениот аванс ќе се минусира од вкупната пресметана вредност на надоместокот.
На прес-конференцијата што се одржа во Сингелиќ, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, рече дека освен Дирекцијата со која управува, во поплавените подрачја помогнале и Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, локалната самоуправа, општинските организации и други.
„Иако има мала разочараност од страна на Дирекцијата за заштита и спасување, оваа дирекција ги даде сите напори за снабдување со материјални, технички ресурси и опрема. Во текот на изминатите денови, но и денес, беа ангажирани околу 3.400 вработени и членови на Дирекцијата за заштита и спасување“, рече Салиу.
Заменик директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Екрем Зендели, им се заблагодари на соседните земји кои се ангажираа за помош на луѓето од поплавените подрачја. Тој ја издвои Турција, која од првиот ден понуди помош на терен со силна и модерна машинерија за чистење на домовите.
„Република Турција е присутна постојано на терен со своите машини, кои играа важна улога во чистењето на домовите. Но, исто така и стручните екипи од соседните земји, кои на терен дадоа голем придонес“, рече Зендели.
Инаку, како резултат на силното невреме на 6-ти август, кое предизвика поплави во неколку населени места во околината на Скопје и голема материјална штета, загинаа 22 лица, а едно 16-месечно дете сè уште се води за исчезнато.