Besar Ademi
22 Август 2016•Ажурирај: 23 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Делегација предводена од градоначалникот на општина Чанкаја во Анкара, Алпер Тасделен, се сретна со градоначалникот на општина Центар во Скопје, Андреј Жерновски, општини кои што се одамна збратимени, со цел овозможување развој на двете општини преку заедничка соработка, јавува Anadolu Agency (AA).
Алпер Тасделен Македонија ја нарече пријателска земја на Турција и истакна дека пријателските односи меѓу двете земји датираат од многу одамна. Тој додаде дека овие одлични односи треба да продолжат и во иднина, и дека ваквите посети се реализираат токму за таа намена.
„Македонија како пријателска земја на Турција има посебно значење во историска смисла, бидејќи основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, своето образование на Воената академија го има завршено во оваа земја. Општината Чанкаја е збратимена со општина Центар. Треба да ги унапредиме нашите пријателски односи и да соработуваме во различни области за развој на двете земји“, рече Тасделен.

Од друга страна, Андреј Жерновски истакна дека посетата на високата делегација го покажува посебното внимание на Турција кон Република Македонија.
„Секогаш кога имаме гости од Турција не ги сметаме како гости, туку, поради одличните односи меѓу двете земји ги сметаме за пријатели. Денешната средба служи само за продлабочување на овие одлични односи“, рече Жерновски.
По повод 25-годишнината од независноста на Република Македонија, во општината Чанкаја во Анкара со свечена церемонија ќе биде пуштен во употреба градскиот парк, наречен „Паркот на македонско-турското пријателство“.