Ekipa
29 Април 2018•Ажурирај: 30 Април 2018
РИЈАД (АА) - Министерот за надворешни работи на Соединетите Американски Држави (САД), Мајк Помпео, изјави дека Иран ја поткопува стабилноста во регионот и го поддржува тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Помпео за време на неговата посета на Саудиска Арабија, се состана со својот колега Адел ал-Џубеир, а по состанокот одржаа заедничка прес-конференција.
Осврнувајќи се на катарската криза, Помпео рече дека единството во Заливот е многу важно и укажа на потребата за негово реализирање.
Тој упати остри критики кон Иран и додаде дека тие сакаат да бидат сигурни дека Техеран не поседува нуклеарно оружје.
Помпео посочи дека Саудиска Арабија е пријател и сојузник на САД и дека безбедноста на земјата за нив е приоритет.
Тој, исто така, се осврна и на нуклеарниот договор со Иран и додаде дека ќе продолжи соработката со европските сојузници со цел да се направат одредени промени во договорот што, според него, во моментов не ги дава потребните гаранции.
Џубеир рече дека иранските балистички ракети ги кршат меѓународните права и дека Иран му пружа поддршка на тероризмот, а се меша и во внатрешните прашања на регионот.
Саудискиот министер истакна дека ја поддржуваат американската политика за Техеран и дека сакаат воведување на дополнително ембарго.
Тој информираше дека Помпео остварил средба и со саудискиот крал Селман Бин Абдулазиз и принцот Мухамед бин Селман, со кои разговорот минал позитивно и конструктивно.