АНКАРА (АА) - Шерифе Четин - По Втората светска војна, во последниве години се случува најголема бегалска криза во која мал број земји им излегоа во пресрет и им дадоа засолниште на лицата што ги напуштиле своите родни домови. Интересен е фактот што 57 отсто од овие бегалци се згрижени од 10 земји. Турција во оваа бегалска криза е земја којашто прими најголем број бегалци, односно згрижува 3,1 милион бегалци, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот што го објави Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) за 2015 година, во целиот свет имало 21,3 милиони бегалци.
Покрај тоа, околу 65,3 милиони лица се иселени. Според УНХЦР, секоја минута во просек 24 лица остануваат без својот дом. Тоа значи дека секој ден повеќе од 34.000 лица се принудени да ги напуштат своите домови.
Според статистиката, 51 отсто од бегалците се лица под 18 години. Во 2015 година, 201.400 бегалци се вратиле во своите домови, од кои најголем дел се бегалци од Авганистан.

- Турција -
Меѓу земјите што ги заштитија бегалците и им дадоа дом, Турција избива во преден план.
Според податоците за 2016 година на Генералниот директорат за администрација на имиграцијата при Министерството за внатрешни работи, во Турција се наоѓаат вкупно 3,1 милион бегалци. Според овие податоци, Турција излегува во преден план како земја којашто е домаќин на најголем број бегалци во светот.
Од Сирија потекнуваат околу 2,8 милиони бегалци од оние што се под привремена заштита во Турција. Останатите, околу 291.000 бегалци, главно се од Авганистан, Иран, Сомалија и од други земји.
- Останати земји -
Според податоците на УНХЦР за 2015 година, листата на останатите земји-домаќини на бегалците според нивниот број се:
Пакистан (1,6 милиони), Либан (1,1 милиони), Иран (979.400), Етиопија (736.100), Јордан (664.100), Кенија (552.000), Уганда (428.400), Чад (420.000), Судан (356.200).
- Најголем број бегалци се од Сирија -
Најголемиот број на бегалци потекнуваат од Сирија. Во светот, 4,9 милиони бегалци од Сирија, 2,7 милиони од Авганистан и 1,1 милион од Сомалија живеат во други земји.
Речиси сите бегалци во Пакистан потекнуваат од Авганистан.
Турција, Пакистан и Либан се домаќини на 30 отсто од вкупниот број на бегалци на светско ниво.
Според податоците од 2015 година, 10 земји згрижуваат 57 отсто од бегалците во светот.
- ИОМ ја пофали Турција -
Аби Двомо, директор за комуникации на канцеларијата за информации од јавен карактер на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), во изјавата за АА истакна дека недоволно е искажана благодарноста кон Турција за нејзината пожртвуваност и гостопримство.
Двомо изјави дека целиот товар со бегалците не треба да го сноси само едно географско подрачје или една земја, туку тоа треба да се сподели на ниво на целиот свет.
Генералниот директор на ИОМ, Вилијам Лејси Свинг, во јануари оваа година ја посети Турција, и во изјавата што ја даде за АА истакна дека Турција е домаќин на најголем број бегалци во светот и искажа голема благодарност за покажаната великодушност.
Свинг беше изјавил: „Турција носи многу голем товар. Оваа претставува пример за другите за тоа како треба да се сподели одговорноста. Многу малку место ѝ се дава на пожртвуваноста што Турција ја покажа оставајќи ги границите отворени. Всушност, хуманоста управува со границите, реалноста управува со границите“.
Свинг изјави дека на меѓународната јавност ѝ недостасува чувството за заедничка одговорност, истакнувајќи дека бегалската политика што ја води Турција е пример за светот.
Генералниот директор на ИОМ, Свинг истакна дека Турција не е само домаќин на бегалците, туку дека благодарение на Командата на крајбрежната стража на Турција, само во 2016 година 37.000 бегалци се спасени од смрт.
- Европа -
Бегалската криза ја доживеа својата експанзија во 2015 година. Бегалците се упатија на патот кон европските земји, по што во Европа започна сериозна дискусија за бегалците. Поголемиот дел од десно ориентираните политичари ги зедоа бегалците како примарен политички материјал во своите обраќања.
Според Европската агенција за оперативна соработка и управување со надворешните граници на земјите-членки на Европската Унија (Фронтекс), во 2015 година, 1,8 милиони бегалци тргнаа на многу опасен пат, преземајќи го и ризикот од смрт, и пристигнаа во Европа.
Според статистичките податоци на УНХЦР, листата на земји од ЕУ што згрижиле најголем број бегалци изгледа вака:
Германија (316.115), Франција (273.126), Шведска (169.520), Австрија (153.119), Италија (118.047), Холандија (88.536), Норвешка (50.389), Белгија (35.314), Грција (16.121) и Данска (16.000).