Mohamad Misto,Murat Tan
27 Декември 2016•Ажурирај: 28 Декември 2016
АЛЕПО (АА) - По евакуацијата на цивилите од источен Алепо, војската лојална на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад започна да ги ограбува куќите и станбените објекти во овој дел на градот, јавува Anadolu Agency (AA).
Според сознанијата на новинар на АА од локални извори, војската на сирискиот режим под команда на полковникот Сухејл ал-Хасан, продолжи со ограбувањето на куќите, кое инаку трае од ноември, а се работи за објекти кои помалку се оштетени од бомбардирањата.
Според него, силите на Асад формирале безбедносен прстен заради наводно неутрализирање на експлозивните направи, но како што вели, од друга страна ги ограбуваат напуштените куќи.
Во источно Алепо се напуштени илјадници куќи, а војската на Асад од нив претежно носи бела техника, и ги продава предметите во градот Џибрин, источно од Алепо.
Грабежите се особено зачестени во населбите Сеифу'д-Девле, Ез Зибдие, Салахудин и Ал-Суккари.
Анонимен извор пренесува дека војската на Асад на излезите од градот формирала контролни точки. Од цивилите што се обидуваат да ги изнесат вредните работи од градот, бараат големи суми на пари, и на тој начин ги принудуваат да ги остават работите.
Евакуацијата од источно Алепо е завршена со посредство на Русија и Турција. Евакуацијата започна на 15 декември, а за осум дена се евакуирани 44.000 цивили и припадници на опозициските сили.