Besar Ademi
22 Октомври 2018•Ажурирај: 23 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Американскиот заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Метју Палмер, кој престојува во работна посета на Република Македонија, по средбата со премиерот Зоран Заев истакна дека гласовите на 80 пратеници во петокот, во Собранието, претставуваат пресвртна точка во историјата на земјата и го отвараат патот за европската иднина на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
На заедничката прес-конференција, Палмер нагласи дека со премиерот Заев оствариле опсежен разговор во врска со Договорот од Преспа, процесот на неговото спроведување, чекорот напред во процесот на НАТО и Европската Унија (ЕУ), како и други теми во интерес на двете страни, Македонија и САД.
„Настаните од петокот, 80-те гласа во корист на Договорот од Преспа, претставуваат една пресвртна точка во историјата, линија на разграничување, како и чекор напред за европската иднина на Македонија и нејзиниот народ“, рече Палмер.
Палмер потсети дека САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа и дека целосното спроведување на овој договор е суштинско за европската иднина на Македонија.

Од друга страна, премиерот Заев нагласи дека посетата на Палмер на Македнија е реализирана во еден момент со големо значање за земјата, како што рече, извесно време по големиот чекор од петокот во Собранието на Македонија.
Заев истакна дека одлуката на 80-те пратеници, на позицијата и опозицијата, за отворање на процедурата за уставми измени, за спроведување на Договорот од Преспа, уште еднаш ја потврди европската посветеност за иднината на земјата.
„Пратениците и демократските сили во земјата храбро презедоа одговорност, испишаа историја и ја оттргнаа Македонија од заканата повторно да се врати во темното минато. Го спречија ризикот од нова изолација, која овој пат ќе добиеше катастрофални димензии за земјата“, додаде Заев.
Палмер во овие рамки се сретна и со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, како и со претставниците на политички партии во земјата.
Тој за време на овие средби ја изрази поддршката на Вашингтон за спроведувањето на Договорот од Преспа, постигнат меѓу Македонија и Грција, која бара измени во Уставот на Македонија, чиј предлог за пристапување беше изгласан во петокот во Собрението со 80 гласа „за“, и 39 „против“.
По гласањето за пристапување кон уставните измени, владата како подносител на сутавните измени, во рок од 15 дена има време да ги достави до Собранието нацрт уставни амандмани, кои комисијата ќе ги разгледа и потоа ќе се гласаат со просто мнозинство, додека на крајот следува ратификување на уставните измени со двотретински гласови во Собранието.
Предлогот за измени и дополнување на Уставот содржи неколку точки, вклучувајќи го и додатокот „Северна“ во сегашното име на Република Македонија, промени во преамбулата на Уставот, гаранција за територијалните граници на Македонија и грижа за македонските граѓани во дијаспората и пошироко.
Ова е втора посета на Палмер во оваа година во Македонија. Тој во август оствари посета на Македонија, каде се сретна со високите државни претставници.