Admir Fazlagic
25 Октомври 2018•Ажурирај: 25 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска имаше телефонски разговор со Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, кој изрази комплименти, поддршка и честитки за успехот во понатамошна имплементација на Договорот од Преспа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти прес-службата на Владата на Република Македонија, генералниот секретар на НАТО ја поздрави храбрата, голема и државничка одлука на пратениците, и му пренесе на премиерот Заев дека во НАТО се среќни што Република Македонија продолжува напред и додаде дека во таа насока испраќа честитки и за успешно завршените пристапни разговори за членство во алијансата на 18 и 19 октомври во Брисел.
Столтенберг порача дека НАТО останува фокусиран на завршување на процесот на интеграцијата на земјата во сојузот.
Претседателот на Владата на Македонија, Заев, се заблагодари на честитките, и се согласи дека пратениците ги надминаа партиските разлики за добро на државата и донесоа голема и важна одлука.
„Премиерот Заев во телефонскиот разговор со Генералниот секретар на НАТО истакна дека одлуката во Собранието на РМ е силен импулс Република Македонија да продолжи силно напред, и дека охрабрувањето, поддршката и пријателството од НАТО сојузниците ќе има позитивно влијание да се зголеми мнозинството кое ја поддржува имплементацијата на Договорот од Преспа", се вели во соопштението.
Се додава дека во разговорот, Заев информираше дека се очекува просецот да заврши во јануари, по што Република Македонија ќе може да го заземе заслуженото место во НАТО.
Во телефонскиот разговор со генералниот секретар на НАТО Столтенберг премиерот Заев уште информираше дека паралелно продолжуваат да се спроведуваат реформите, вклучително и реформите на безбедносниот сектор, и дека институциите во земјата имаат капацитет да ги спроведат сите потребни обврски што доаѓаат со полноправното членство во НАТО.