ЕРУСАЛИМ (АА) - Палестинците денес ја одбележуваат 69. годишнина од Накба, односно Денот на големата катастрофа што го симболизира страдањето и прогонот на палестинскиот народ од основањето на израелската држава на палестинска земја, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешен ден во 1948 година е прогласена независноста на Израел во окупираната територија на Палестина, а Палестинците овој ден го одбележуваат како Накба, почеток на катастрофата која тој народ и понатаму ја преживува пред агресивната и окупаторска политика на Израел.

Во изминатите 69 години Израел окупираше 85 отсто од вкупно 27.000 квадратни километри палестинска територија, а израелските власти продолжуваат со изградбата на нелегални еврејски населби на подрачјето на Источен Ерусалим и на Западниот Брег, кои се окупирани во 1967 година.
Терминот Накба, за денот кога е основан Израел и кога започна прогонот на Палестинците, прв го употреби сирискиот историчар Константин Зурајк во книгата „Што значи Накба“, а на денешен ден Палестинците ширум светот се организираат против израелската окупаторска политика.
Денешниот ден Израелците го празнуваат како ден на основањето на израелската држава, додека Палестинците овој ден го одбележуваат како почеток на катастрофата која трае, односно систематскиот прогон, во кој 67 отсто од Палестинците се протерани од своите огништа.
Денес, ширум светот, статус на бегалци имаат 5,9 милиони Палестинци, од кои 5,3 милиони се регистрирани и во базата на податоци на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (UNRWA).
Во изминатите 69 години израелските власти целосно уништија вкупно 675 палестински населби, убиени се илјадници Палестинци, а многу палестински градови станаа еврејски. Во тој процес е водено и систематско уништување на сите елементи на културното и традиционалното наследство на Палестинците.
Прогонетите Палестинци денес живеат во оскудни услови во вкупно 61 бегалски камп на подрачјето на Палестина и во други земји.
Поголемиот дел од внатрешно раселените Палестинци живеат во Газа, во која се наоѓаат осум бегалски кампови. Најголемиот камп во Газа е Џабалија во кој се згрижени 108.000 бегалци, а кампот е познат како место од каде што во 1987 година започна палестинската интифада.
На Западниот Брег има 20 кампови за бегалци, меѓу кои е и најголемиот Бирзаит, во кој се сместени 132.000 протерани Палестинци.
Голем број Палестинци се протерани во соседните земји, а и денес палестинските бегалци живеат во 12 кампови во Либан, во десет кампови во Јордан и во 12 такви кампови во Сирија.
Некои аналитичари сметаат дека семето на Накба е всадено со идејата на францускиот генерал Наполеон Бонапарта, а потоа во план преточено со Балфоровата декларација, а таа идеја во конкретно дело почна да ја спроведува првиот израелски премиер Бен Гурион.
Наполеон уште во 1799 година ја изнесе идејата на подрачјето на тогашна Палестина под османлиска власт да се формира еврејска држава. Следеше масовно доселување на Евреите во Палестина од сите делови на светот, и така e подготвен проектот за окупирање на Палестина од страна на ционистите.
Британската војска предводена од генералот Едмунд Аленби го зазеде Ерусалим во 1917 година, а со завршувањето на османлиското владеење во Палестина се отвори патот за реализација на ционистичкиот план за втемелување на еврејската држава. Истата година е објавена и Балфоровата декларација, со која се предвидува создавање на таа држава.
Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) на 29 ноември 1947 година ја усвои резолуцијата со која се предвидува поделба на палестинската територија на палестинска и еврејска држава. Против таа одлука беа Палестинците и голем број арапски земји, а ционистите го прославуваа тоа како голем успех.
Еден ден подоцна ционистите ја формираа вооружената група „Хагана“ (Haganah) која ги зазеде областите во кои е овозможено населување на Евреите. По завршувањето на британскиот мандат во Палестина, Давид Бен Гурион на 14 мај 1948 година изјави дека е формирана државата Израел. Продолжи прогонот на Палестинците и окупацијата на нивната земја.
Израел како член на ОН е признаен на 3 март 1949 година, кога независноста на Израел ја признаа САД и многу други земји во светот.
Ционистичкото движење, идејата за основање на еврејска држава, темелите и окупацијата на палестинските територии ги оправдува со три главни тврдења, меѓу кои на прво место е пропагандата на британскиот писател Израел Зангвил, кој пишуваше дека „земјата без народ е наменета за народот без земја“, со што во суштина го негира постоењето на палестинскиот народ. Ционистите исто така тврдат дека на тоа подрачје посетоела еврејска држава и пред 2.070 години. Третото ционистичко тврдење го негира прогонот на Палестинците и говори за наводна преселба на Палестинците кои доброволно ја продале својата земја на Евреите.
Под раководство на основачот на модерното политичко ционистичко движење, Теодор Херцл, во швајцарскиот град Базел во 1987 година се одржа првиот ционистички конгрес на којшто официјално е започнат проектот за создавање на еврејската држава.
Прогонетите Палестинци и денес во бегалските кампови сонуваат за враќање на окупираните огништа. Пречка во тоа е фактот што Израел не ја имплементира резолуцијата на Обединетите нации (ОН) која на бегалците им дава право на враќање во своите куќи или исплата на надомест за нивното земјиште.
Скоро седум децении Накба за Палестинците претставува една катастрофа и прогон кој и понатаму трае.