Şerife Çetin
15 Мај 2017•Ажурирај: 16 Мај 2017
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) и претставниците на НАТО го осудија вчерашното тестирање на балистички проектили од страна на Северна Кореја, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ изјави: „Со ова и со сите претходни тестирања на балистички проектили, Северна Кореја претставува закана за меѓународната безбедност и мир. Во наредните денови потребно е да се намалат тензиите во оваа област”.
Официјалните претставници на ЕУ го повикаа лидерот на Северна Кореја, заедно со меѓународните лидери „да започне значајна соработка”.
Портпаролката на НАТО, Оана Лунџеску, истакна дека тестирањето балистички проектили од страна на Северна Кореја претставува закана за меѓународниот мир и безбедност. „Тестирањето балистички проектили од страна на Северна Кореја претставува отворено прекршување на одлуките на Советот за безбедност на ОН”, истакна таа.
Официјалните претставници на НАТО го повикаа раководството на Пјонгјанг да ги запре сите активности околу тестирањето балистички проектили и својата нуклеарна програма, истакнувајќи: „Потребно е Северна Кореја да го елиминира сето оружје за масовно уништување на таков начин што ќе може да се потврди дека не е можно тоа повторно да се создаде”.
Новиот претседател на Јужна Кореја, Мун Џае-ин, истакна дека можеби овие тестирања од страна на експертите на Северна Кореја се „тест” за намалување на тензиите меѓу Северна и Јужна Кореја.
Северна Кореја викендов изврши тестирање на балистички проектили, лансирани од полигон во близина на Кусунг, а проектилот падна во Јапонското Море. Северна Кореја и претходно има извршено слични тестирања.