Nezir Aliyev
14 Јули 2016•Ажурирај: 15 Јули 2016
БИШКЕК (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел во својата официјална посета на Киргистан беше примена од претседателот Алмазбек Атамбајев, јавува Anadolu Agency (AA).
Во претседателската резиденција Ала Арча, Меркел и Атамбајев разговараа околу еден час, по што организираа заедничка прес-конференција.
Германската канцеларка Меркел изјави дека официјалната посета на Киргистан е со цел да се разгледаат можностите за соработка меѓу двете земји и да се информираат на кој начин би можеле да му помогнат на Киргистан.
Меркел му се заблагодари на претседателот на Киргистан, Атамбајев, за топлото и искрено гостопримство. Канцеларката истакна дека покрај темите коишто се од интерес за двете земји, станало збор и за судирите на истокот од Украина и за припојувањето на Крим од страна на Русија. Меркел рече дека со претседателот Атамбајев се согласуваат во поглед на тоа дека за целата ситуација постојат и дипломатски патишта за изнаоѓање на решение.
Претседателот на Киргистан за посетата на канцеларката Меркел изјави: „Оваа прва посета на германската канцеларка Меркел се совпадна со 25-годишнината на независноста на Киргистан. Ѝ придаваме големо значење на оваа посета. Долго ве очекувавме. Денеска ние сме среќни“.
Претседателот Атамбајев верува дека посетата на Меркел ќе доведе до започнување на нова ера во односите меѓу двете земји.
Тој изјави дека со канцеларката Меркел, покрај разговорот околу регионалните проблеми, меѓународниот тероризам и радикализам, станало збор и за кризата меѓу Европа и Русија и развојот на ситуацијата во Украина, додавајќи дека кризата меѓу Европа и Русија и ситуацијата во Украина негативно влијаат врз Киргистан. Атамбајев ги повика засегнатите страни колку што е можно порано да се договорат.
Претседтелот Атамбајев на прес-конференцијата соопшти дека на средбата со канцеларката Меркел станало збор и за обновениот судски процес што започнал претходниот ден против директорот на киргистанска невладина организација, Азимџан Аскаров, по потекло од Узбекистан, кој пред шест години бил осуден на доживотна казна затвор.
По препорака на Комитетот на Обединетите нации (ОН), одново е започнат судски процес против Аскаров. Претседателот Атамбајев рече дека ќе бидат разгледани сите препораки на ОН и ќе бидат преиспитани претставките на судот, истакнувајќи дека ќе испрати покана до ОН да испратат меѓународни набљудувачи што би го следеле судскиот процес на Аскаров.
Претседателот на Киргистан Атамбајев ја изрази желбата за зближување на односите со Европската Унија.