Besar Ademi
17 Февруари 2016•Ажурирај: 18 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Пред распуштањето на Собранието на Република Македонија најдоцна до 20 февруари, Европската унија и САД најавија дека заеднички ќе го оценат спроведувањето на обврските од Пржинскиот договор и ќе дадат своја оценка дали постојат услови за одржување на фер и демократски избори на 24 април. Во врска со ова амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав рече дека проценката сеуште не е готова, може да биде во една или друга насока, а тоа зависи, односно е во рацете на политичките партии во земјава, јавува Anadolu Agency (AA).
Орав рече дека според Договорот од Пржино, 24.04.2016 година е договорениот датум за одржување на предвемените парламентарни избори, но додаде дека има доцнење на спроведување на многу точки од договорот. Орав истакна дека проценката на ЕУ и САД за изборите ќе биде подготвена во петок.
"Процесот со извештајот на Прибе и итните реформски приоритети ќе продолжат. Како што се сеќавате во нашиот извештај за напредокот на земјата во ноември, ЕК даде условена препорака и затоа ќе се навратиме на ова прашање по изборите. Во извештајот што ќе го подготвиме по изборите, планираме да се осврниме и на извештајот на Прибе", нагласи Орав.
Вицепремиерот за европски прашања на Република Македонија, Фатмир Бесими истакна дека приоритет на политичките партии и понатаму останува целосно спроведување на договорот од Пржино.
"Во интерес на државата е во Македонија што е можно поскоро да се направат сите потребни реформи и да се одржат слободни и демократски избори, со цел да биде во можност да се фокусира на економските реформи и развој на земјата со појасна евратлантска перспектива на земјата ", рече Бесими.