Satuk Buğra Kutlugün
21 Јануари 2018•Ажурирај: 22 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Турските воени авиони и артилеријата погодија 153 позиции на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во подрачјето на Африн, Сирија, соопшти денес турскиот Генералштаб, јавува Anadolu Agency (AA).
„Досега се гаѓани 153 цели кои се користени како засолништа, скривалишта и складишта за муниција од страна на терористичките организации ЈПГ/ПЈД/КЏК/ПКК и ДЕАШ“, соопшти турскиот Генералштаб.
„Операцијата 'Маслинова гранка' продолжува според планираното“, соопшти Генералштабот на вториот ден од операцијата.
Генералштабот на турската војска вчера потврди дека операцијата „Маслинова гранка“ во Африн започнала вчера, во 17 часот по локално време.
Во соопштението се наведува дека операцијата во Африн е започната во рамките на турското право засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено оние кои се однесуваат на борбата против тероризмот, 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 година (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Внимателно планираната операција се спроведува во согласност со приоритетите за заштита на цивилите во подрачјата на воено делување, а стриктната цел на нападите е неутрализација на терористичките елементи во и околу Африн.
Турција во март минатата година успешно ја заврши седуммесечната офанзива „Штитот на Еуфрат“ во северниот дел на Сирија, со која ги расчисти терористичките елементи во тоа подрачје, а вчера започна слична операција на турските сили во Африн, кој под окупација го држат терористите на ПЈД/ПКК.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во јули 2012 година без судири им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Тој стана еден од главните центри на таа терористичка организација.
Станува збор за планинско подрачје од каде што терористите може да изведуваат артилериски напади на пограничниот турски град Килис и одредени делови на турски Хатај.
Планината Аманос во тоа подрачје со години е позната како рута која ја користат терористите на ПЈД/ПКК за преминување на границата од Сирија во Турција.
Африн има уште едно геополитичко значење бидејќи терористите на ПЈД/ПКК преку него сакаат да го освојат коридорот до брегот на Средоземното Море.
Терористите од Африн се закана и за цивилите во соседните сириски градови кои се ослободени од терористите на ДЕАШ со офанзивата „Штитот на Еуфрат“, вклучувајќи го и Идлиб, кој е прогласен за зона без судири.
Турција со претходната офанзива „Штитот на Еуфрат“ ги оддалечи терористите на ДЕАШ од своите граници, а со цел да се спречи ширењето на терористите на ПЈД/ПКК долж пограничниот појас го најави Африн како следна цел.