Mehmet Burak Karacaoğlu,Eşref Musa
18 Февруари 2020•Ажурирај: 19 Февруари 2020
ИДЛИБ (АА) - Како резултат на нападите што во последните 6 дена силите на режимот на Башар ал Асад и неговиот поддржувач, Русија, ги спроведуваат врз населените места што се наоѓаат во рамките на деескалационата зона во Идлиб, уште 148.000 цивили мигрираа во близина на сириско-турската граница. Со последните миграции, бројот на лица што мигрираа во ова подрачје достигна бројка од 1 милион и 942 илјади, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците добиени од сирискиот Центар за интервенции што работи на статистиката за миграциите, продолжува раселувањето кон сириско-турската граница од центарот на Идлиб, од западните делови на Алепо и градот Дарет Изе и неговата околина, сместени јужно од Алепо.
Режимските сили составени од војската на Асад и терористичките групи поддржани од Иран, заедно со Русија продолжуваат со нападите во Зоната за деескалација на судирите во Идлиб, поради што во последните 6 дена од овие подрачја се раселија уште 148.000 лица.
Голем дел од цивилите доаѓаат во камповите поставени на сириско-турската граница, додека еден дел се засолнуваат во подрачјето што Турција, во рамките на офанзивата „Штитот на Еуфрат“ и операцијата „Маслинова гранка“, го ослободи од терористите.
Од центарот на Идлиб и неговата околина, неговите јужни и југоисточни делови и населените места сместени во руралните предели во западните и јужните делови на Алепо, од јануари 2019 година бројката на раселени лица достигна 1 милион и 942 илјади.
- Десетици илјади семејства чекаат помош -
Со пополнувањето на камповите во Идлиб, немањето нови локации за поставување шатори и инфраструктура и намалувањето на помошта, илјадници цивили се соочуваат со потешкотии во пронаоѓањето засолништа за своите семејства.
Илјадници семејства, кои останаа без своите домови бегајќи пред нападите, се во исчекување на помош бидејќи се соочуваат со големи потешкотии во наоѓањето на основните животни продукти.
- Не се однесуваат во согласност со договорите од Астана и Сочи -
Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на сириската опозиција. Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое најмногу е напаѓано од страна на режимот.
На состанокот во Астана, што се одржа на 4-5 мај 2017 година, на којшто учествуваа Турција, Русија и Иран, формирани се четири деескалациски зони, во Идлиб и околните области (Латакија, Хама и Алепо), северното подрачје на Хомс, подрачјето на Источна Гута во главниот град Дамаск и подрачјата во јужниот дел на земјата (Дера и Кунејтра). Но режимот и терористите поддржани од Иран, и покрај одлуката за прекин на огнот, благодарение на руската поддршка од воздух, од четирите зони, освен Идлиб, ги зазедоа сите територии.
Во септември 2018 година, кога силите на режимот ги интензивираа воените активности, Турција и Русија на 17 септември 2018 година во Сочи постигнаа дополнителен договор, со цел зацврстување на примирјето. Кус период владееше примирје, а силите на режимот во мај 2019 година започнаа копнена операција со цел потполно заземање на целиот регион.
Министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар, на 10 мај 2019 година изјави дека поради зголемените напади од страна на режимските елементи јужно од Идлиб, вооружените притисоци започнати на 6 мај преминале во копнена операција.
Од тој период наваму, силите на режимот и неговите поддржувачи со помош на артилериски и воздушни напади ги зазедоа големите градови Кефренбуде, Кан Шејхун, Мараатинуман, Серакиб и голем број населени места во јужните и југоисточните предели на Идлиб, северните и источните рурални предели на Хама и јужните и западните рурални предели на Алепо.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција во Сочи досега, во нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија над 1.800 цивили.