Bayram Altuğ
06 Ноември 2018•Ажурирај: 07 Ноември 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека над 200 масовни гробници со останките на илјадници жртви се откриени во Ирак, во областите кои претходно беа под контрола на терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Мисијата на ОН за помош на Ирак и Канцеларијата на високиот комесар на ОН за човекови права, во швајцарскиот град Женева го презентираа заедничкиот извештај во врска со масакрите на терористичката организација ДЕАШ во Ирак.
Според извештајот, во Мосул, Киркук, Салахадин, Анбар, како и во западниот дел на земјата се откриени 202 масовни гробници.
Се истакнува дека постои можност бројот на овие масовни гробници, во кои се откриени останките на илјадници жртви, да е поголем.
Во извештајот, во кој се потсетува дека во периодот од 2014 до 2017 година ДЕАШ ја презела контролата врз едно широко подрачје во Ирак, се наведува дека оваа терористичка организација на систематски начин ги прекршила меѓународните човекови права, дека извршила воени злосторства и злосторства против човештвото и дека најверојатно извршила и геноцид.
Се вели дека меѓу жртвите, чии останки се откриени во овие масовни гробници, има жени, деца, инвалиди како и припадници на ирачките безбедносни сили.