Haydar Hadi
02 Јануари 2017•Ажурирај: 03 Јануари 2017
БАГДАД (АА) - Претседателот на Франција, Франсоа Оланд, кој е во посета на Ирак, изјави дека акцијата за ослободување на Мосул од терористичката организација ДЕАШ ќе трае неколку недели, а не неколку години, јавува Anadolu Agency (AA).
Оланд се состана со ирачкиот колега, Фуад Масум, премиерот на Ирак, Хајдар ал Абади и со претседателот на ирачкото Собрание, Селим ел Џубури.
„Акцијата за ослободување на Мосул нема да трае неколку години, туку неколку недели“, порача Оланд по состанокот со Масум.
Исто така, Оланд изјави дека во Мосул и во сирискиот град Рака има француски државјани што се придружиле во редовите на терористичката организација ДЕАШ.
Според неговите зборови, овие лица по враќањето во Франција ќе бидат изведени пред суд и ќе бидат казнети.
„Ќе се бориме и против француските државјани што се придружија на ДЕАШ бидејќи сакаат да извршат напад и на нас. Доколку ирачката страна ги фати, и нив ќе ги казнат во согласност со своите закони. На некои деца мозокот им е сосема испран. Доколку се вратат во Франција, треба да се лекуваат од екстремистичка идеологија. Тоа е наша одговорност“, смета Оланд.
Оланд изјави дека целта по Мосул е Рака, и потсети дека го поддржуваат политичкото решение на кризата во Сирија.
„Акцијата во Ирак ќе трае долго, но Ирак и безбедносните сили ќе успеат. На теренот се борат Иранците, ние даваме воздушна поддршка, обука и опрема. Нашиот единствен непријател е ДЕАШ. Доколку тероризмот остане во регионот, ќе продолжат да ја напаѓаат Европа“, истакна Оланд.
Масум изјави дека со Оланд разговарал за неколку прашања, меѓу кои и за обуката на припадниците на ирачките сили.
Хајдар ал Абади изјави дека ДЕАШ му се заканува на целиот свет.
„Тоа е глобална терористичка организација која извршува напади во Истанбул и во другите делови на светот. Мораме да дадеме важност на генерациите во Ирак на кои ДЕАШ им наштети. Ќе ја вратиме невиноста на децата. Подготвени сме тоа да го направиме во најкраток рок“, порача Абади.
Тој зборуваше и за постојаните напади во Багдад, повика на внимателност и додаде дека Ирак е подготвен за соработка со Франција и со другите европски земји кога станува збор за борбата против тероризмот.
Оланд при посетата на Курдската самоуправа на северниот дел на Ирак (IKBY), на аеродромот во Ербил беше пречекан од страна на лидерот на Курдската самоуправа, Месуд Барзани.