Ivana Ramadanova
17 Мај 2016•Ажурирај: 18 Мај 2016
СКОПЈЕ (AA) - Денеска во Скопје се одржа семинар на тема „Новите градови на Балканот: Реконструкција за каква иднина?“ на кој се дискутираше за нов концепт за одржлив развој на градовите во Западен Балкан, јавува Anadolu Agency (AA).
„Овој семинар за градовите на иднината го организираме овде веднаш откако се оддржа во Париз големата конференција за климатските промени и договорот кој што се постигна. Ние денес правиме план за во иднина во однос на тоа како треба да изгледа градот после триесет години. Оваа тема е многу важна и отвора многу прашања кај граѓаните, а едно од најчесто поставуваните прашања е врзано токму за животната средина. Секоја година Франција помага преку ваков тип на семинари во кои е вклучен факултетот за архитектура", изјави амбасадорката на Франција Лоренс Оер.
На семинарот се обрати министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети кој истакна дека ваквиот тип на семинари се од големо значење за развојот на климатските промени.
Во рамки на семинарот се одржаа две тркалезни маси на тема „Престолнините за 30 години: предизвици на иднината“, со учество на Жак Леви, специјалист од областа на политичка географија, професор на Политехничката школа во Лозана и автор на повеќе дела, и „Интелигентни градови, нови технологии“, со учеството на Лоран-Пјер Жилијар, заменик-директор на Агенцијата „Акитен Нимерик“, чие излагање ќе биде преку видео-конференција.
Во денешниот проект учествуваа и повеќе реномирани домашни експерти и професори од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.