Dildar Baykan
02 Септември 2017•Ажурирај: 03 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Организацијата „Хјуман рајтс воч” (Human Rights Watch - HRW) објави нови сателитски снимки на кои се забележува дека пожарот уништил 99 отсто од муслиманското село Чеин Кар Ли, кое е сместено во близина на градот Радедунг во Аракан, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението кое го даде организацијата „Human Rights Watch“ се истакнува дека ако се земе предвид дека во моментов, во период на монсуни, и подрачјето е зафатено со обилни врнежи од дожд, голема е веројатноста ваквиот вид обемни пожари дека се намерно предизвикани.
- „Многу полошо и од она што може да се замисли” -
Директорот на организацијата за Азија, Фил Робертсон, во соопштението ја даде следната изјава:
„Овие нови сателитски снимки покажуваат дека муслиманското село е во потполност уништено, а размерот на уништеното во северен Аракан е многу полош од она што може да се замисли, што кај нас отвора голема загриженост. Тоа е само едно место од 17 опожарени места кои ги лоциравме. За да се одреди што точно се случува (во Аракан), потребно е испраќање на независни набљудувачи во подрачјето”.
- Војската ги приклешти селаните во планините -
Од друга страна, Советот на Европа за Рохинџа муслимаите (ERC) објави соопштение во кое се наведува дека селаните кои ги напуштија селата Таунг Базар, Тин Меј, Каунг Таунг, Шидар, Фатија и Фанси, северно од градот Бутиданг, се протерани во планинските подрачја.
Во соопштението се истакнува дека е можно во планините да се наоѓаат илјадници бегалци, додавајќи дека поради блокадата од страна на војската, муслиманите од Аракан веќе три дена се приклештени во планините предени.
Во продолжение на соопштението се вели дека селаните испратиле аудио-записи од плач на деца кои се гладни, при што се упатува апел за спас на муслиманите од Аракан, од тоа подрачје.
Во нападите на војската на Мјанмар кои се во тек, под изговор дека станува збор за борба против вооружени милитанти, во последнава недела животот го загубија многу голем број аракански муслимани. Нападнати се над 60 села, од кои десетици се запалени, по што над десетици илјади муслимани од Аракан беа принудени да го напуштат подрачјето.
Цивилите по копно и море се обидуваат од Мјанмар да преминат во Бангладеш. ОН соопштија дека досега 38.000 муслимани од Аракан преминале во Бангладеш, но уште десетици илјади лица чекаат во граничното подрачје.
Не може со точност да се одреди бројката на убиени, бидејќи владата на Мјанмар не дозволува влез на меѓународните организации во земјата. Невладините организации од Аракан соопштија дека бројот на убиени цивили е поголем до 1.000, додека други тврдат дека станува збор за илјадници убиени цивили.