Şerife Çetin
11 Декември 2017•Ажурирај: 11 Декември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, изјави дека единственото реално решение за блискоисточната криза е Кудс да биде главен град и на Палестина и на Израел во нивните граници од 1967 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Високата комесарка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Могерини, и премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, присуствуваа на заедничкиот работен појадок со шефовите на дипломатиите на членките на Европската Унија, кои денес во Брисел ќе одржат состанок на Советот за надворешна политика.
Истакнувајќи дека посетата на Нетанјаху на Брисел е историска можност, Могерини пред почетокот на состанокот потсети дека веќе 22 години ниту еден израелски премиер ги нема посетено институциите на Европската Унија. Додаде дека тоа е предолго чекање кога станува збор за пријатели и партнери какви што се ЕУ и Израел.
Таа истакна дека главна тема на разговорите ќе биде мировниот процес на Блискиот Исток, но дека шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ со Нетанјаху ќе разговараат и за низа билатерални и регионални теми.
„Посетата на Нетанјаху на Брисел дојде во вистинско време. Во интерес на Израел е да се најде трајно и одржливо решение за израелско-палестинскиот конфликт. Особено ова е во интерес од безбедносен аспект. Затоа, ЕУ ќе ги интензивира напорите во соработка со сојузниците со цел да се обноват мировните преговори на Блискиот Исток“, рече Могерини.
Могерини, исто така, нагласи дека ЕУ се залага за јасен став за дводржавниот модел како единствено реално и остварливо решение, и тоа на начин да се формираат државите Палестина и Израел во границите од 1967 година, а Кудс да биде главен град на двете држави.
Шефицата на европската дипломатија рече дека е неопходно да се спречи ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток, и ги осуди сите напади врз Евреите во Европа и во Израел.
Шефот на израелската влада, Нетанјаху истакна дека во Брисел допатувал на покана на Европската Унија, која ја оцени како важен сојузник со кој соработува во воспоставувањето на мирот и просперитетот.
Истакнувајќи дека израелската разузнавачка служба е одговорна за спречувањето на бројни терористички напади на подрачјето на Европа, Нетанјаху рече дека соработката во борбата против тероризмот ќе продолжи.
„Сојузништвото меѓу Израел и ЕУ е многу важно и за Израел и за ЕУ“, рече Нетанјаху.
Осврнувајќи се на настаните на Блискиот Исток, Нетанјаху истакна дека Израел веќе со векови на Палестинците им ја пружа раката на мирот, но дека е постојана цел на напади.
„Палестинскиот народ го негира Израел и неговите права. Кудс беше главен град на израелскиот народ 3.000 години“, тврди Нетанјаху.
Тој истакна дека се смешни обидите на ниво на Обединетите нации, односно УНЕСКО, да се негираат историските врски меѓу Израелците и Кудс.
Нагласувајќи дека мирот може да се гради само со прифаќање на вистината, Нетанјаху изјави дека американскиот претседател, Доналд Трамп, со признавање на Кудс како главен град на Израел само на јасен начин ја покажал вистината.
Најавувајќи дека американската администрација наскоро ќе предложи нова иницијатива за блискоисточната криза, Нетанјаху рече дека Палестинците треба да го прифатат постоењето на еврејската држава со Кудс како главен град.
„Иако сѐ уште немаме таков договор, верувам дека сите европски земји ќе ги преселат амбасадите во Кудс и ќе го признаат како главен град на Израел“, изјави Нетанјаху.