Betül Yürük
27 Октомври 2017•Ажурирај: 28 Октомври 2017
ЊУЈОРК (АА) - Механизмот за заедничка истрага (JIM), формиран од страна на Обединетите нации (ОН) и Организацијата за забрана на хемиското оружје (OZHO) со цел да се изврши истрага за употребата на хемиското оружје во Сирија, соопшти дека нападот со хемиско оружје што се случи на 4 април, во регионот на Кан Шејхун, близу Идлиб, го извршиле силите на сирискиот претседател Башар ал-Асад, пренесува Anadolu Agency (АА).
Мисијата на ОН, „JIM“, поднесе извештај до Советот за безбедност на ОН, во врска со нападот со хемиско оружје над Кан Шејхун.
Во извештајот се наведува дека за нападот врз сирискиот регион, во кој загинаа најмалку 100 лица, одговорен е режимот на Асад.
Мисијата на ОН, меѓу другото, во извештајот наведува дека е сигурно оти „сирискиот режим во нападот на Кан Шејхун користел гас сарин“.
Мисијата „JIM“ е основана во 2015 година и оттогаш, по наредба на Советот за безбедност на ОН, ги истражува нападите со хемиско оружје. Таа во три наврати утврди дека режимот на Асад употребил хемиско оружје, а тоа еднаш беше утврдено и за терористичката организација ДЕАШ.
Во нападот со хемиско оружје во Кан Шејхун, кој се случи на 4 април, загинаа повеќе од 100 луѓе, а над 500 ги почувствуваа последиците од вдишувањето на отровниот гас.
Во Кан Шејхун живееја десетици илјади цивили, а голем број од нив ги напуштија своите домови поради опасноста од труење.